Историска грешка би било раздвојувањето на Македонија и Албанија во пристапувањето на ЕУ, предупреди Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во врска со можноста за одвојување на Македонија и Албанија во пристапните процеси кон Европската унија, доколку не се случат уставните измени за што предупредуваат странски дипломати, оцени дека тоа би било уште една историска грешка и неправда.

Лоренс Бун, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Франција во разговор за МИА објавен во неделата посочи дека уставните измени се дел од договорот што го постигнале актуелната македонска влада и Европската унија за да се продолжи кон „автоматски почеток“ на процесот на пристапување.

„Нема други барања“, рече француската дипломатка,  „а доколку не се усвојат измените на Уставот пред крајот на годината, постои ризик од раздвојување на Македонија и Албанија“.

„Јас ѝ посакувам среќа и успех на Албанија и на сите останати држави, но ако овие бирократи тоа го дозволат, ќе направат уште една историска грешка и неправда кон овој можеби малуброен народ, но горд и достоинствен народ. Ние ќе се бориме да ги подобриме лошите услови, кои оваа криминална влада им ги направи на граѓаните“, изјави Мицкоски по средбата со претставниците на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Во однос на уставните измени кои во вторник официјално ќе влезат во собраниска процедура, Мицкоски порача дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ останува ист и тој е поддржан од органите на партијата и од пратеничката група.

„Нашиот став е аргументиран и досега непроменет. Не гледам причина под ваков притисок, тој да биде променет. Тој е поддржан и од органите на партијата, од пратеничката група и очекуваме европско однесување кај нашите стратешки партнери и со една идна влада да седнеме дел од тие околности кои се проблематични и нас нѐ загрижуваат, да бидат променети“, рече Мицкоски.

Потврди дека утре ќе пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ја предводи неговата партија ќе бидат присутни во Собранието кога ќе биде ставена точката на дневен ред, а како што рече, членовите од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против.

„Утре ќе бидеме присутни во парламентот, и кога ќе биде точката ставена на дневен ред, членовите од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против. Така ќе биде и на самата седница кога за овие уставни измени, од работната група, предводена од Цаца Николовска доставени во парламентот. За да почнат уставните измени, нема никаква потреба во првиот чекор да имаме содржина за нив. Очигледно е дека овие луѓе повеќе сакаат да им слугуваат на (бугарскиот претседател Румен) Радев и на Бугарија, отколку на македонскиот народ. Нема да поддржиме отворање на иницијатива којашто во овој момент ќе значи отворање на Уставот“, додаде Мицкоски.

Прашан за наводните претпоставки дека собранискиот спикер Талат Џафери ќе ја отвори седнацата на 18-ти август, ќе ја прекине и одложи на неодредено време, додека Владата не го обезбеди неоходното двотретинското мнозинство, Мицкоски појасни дека такво нешто нема да има, бидејќи како што рече, „ако мислеа дека тоа е добар политички потег, можеа изминативе година дена тоа да го направат“.

„Ако се вратиме една година назад, истиве овие луѓе велеа дека во септември ќе бидат тие измени, па помина септември, па велеа на крајот на годината, па помина и крајот на годината, па велеа во февруари. Еве, помина и јули. Овие политичари направија историска грешка за иднината на Македонија и на народот. И сега се пред уште една историска грешка. Ги предупредувам да не ја прават третата грешка по ред, а тоа е отпочнување на процедура за што немаат поддршка и нема да ја имаат. Тука не е важен Христијан Мицкоски, важни се граѓаните“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.