Изетбеговиќ, Човиќ и Иваниќ победници во трката за членови на Претседателството на БиХ

Нови членови на Претседателството на БиХ од редовите на бошњачкиот, хрватскиот и српскиот народ се Бакир Изетбеговиќ, Драган Човиќ и Младен Иваниќ, покажуваат денеска објавените прелиминарни и неофицијални резултати на босанската Централна изборна комисија (ЦИК).

Изетбеговиќ освоил 32,74 отсто од гласовите, Човиќ 51,52 отсто, а Иваниќ 48,31 отсто. Фахрудин Радончиќ е на второ место во трката за бошњачки член на Претседателството на БиХ, а Емир Суљагиќ се наоѓа на третото место.

Најголем противкандидат на Човиќ во трката за хрватски член на Претседателството на БиХ, Мартин Рагуж заврши на второто место, а Живко Будимир е третопласиран.

Главниот ривал на Иваниќ за местото српски член во Претседателството, Жељка Цвијановиќ е второпласирана со 278.845 гласови, а Горан Змијанац е на трето место со 20.532 гласа.

Недостасуваат уште гласовите на избирачите кои гласале преку пошта, во отсуство и по пат на мобилни екипи.

Најновите резултати на ЦИК покажуваат и дека актуелниот претседател на Република Српска, Милорад Додик останува на истата функција и во следниот мандат. Лидерот на Сојузот на независните социјалдемократи освоил 264.051 глас, односно 47,10 отсто, а неговиот противкандидат Огњен Тадиќ од Сојузот за промени имал 253.211 гласови, односно 45,16 проценти.

Потпретседател на РС повторно е Рамиз Салкиќ од коалицијата Татковина, со освоени 15.552 гласа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.