Излегување од државата само со изјава дека нема враќање назад три месеци

Владата апелира да не се патува без итна потреба. На седница е донесен заклучок секој што сака да оди во странство да потпише документ дека нема да бара да се врати во рок од три месеци. Сите прописи што ќе бидат донесени при вонредна состојба ќе имаат третман на закони, согласно уставните начела.

Претседателот на Владата Оливер Спасовски  истакна дека вонредна состојба е една од најтешките кои ги донела владата, но и дека е нужна одлука која не ја посакувале.

„Апелирам до граѓаните на трезвеност и смиреност. И залихи на храна и залихи на горива и се што е потребно постои. За мерките кои ќе бидат ограничувања, дополнително ќе соопштиме. Редовно ќе информираме се што ќе носиме како одлука и кои ограничувања ќе ги даваме. Сите институции многу поефикасно ќе може да се вклучат. Ова не значи веднаш да ги преполнуваме маркетите и да купуваме, залихи има и во маркетите и државата, транспортот се одвива непречено. Сето тоа ќе го обезбедиме како држава, апелирам само да се почитуваат мерките на владата“, рече Спасовски.

Според него, вонредната состојба не значи дека веднаш ќе има полициски час во земјата, но сепак ќе се одлучува според однесувањето на секој граѓанин, па затоа сите треба да бидат на висината на сопствената одговорност.

„Имаме планови и тие планови ги развиваме. Мора да имаме разбирање од сите граѓани и мора да се знае дека тоа што е дадено како мерка мора да се почитува и дека ова не е состојба во која некој ќе избере како ќе постапува. Донесовме заклучок со кој секој граѓанин кој сака да излезе надвор од државата, ќе мора да потпише изјава дека нема да се врати во земјата три месеци. Апелирам сите граѓани да ги одложат патувањата“, истакна Спасовски.