Извештај на експерти на ОН открива начини преку кои Иран ги заобиколува санкциите

Доверлив извештај, составен од експерти на ОН, ги открива методите со кои Иран се служи, за да ги заобиколи санкциите поради неговата нуклеарна програма, пренесува МИА.

Во него се опишува како титаниумски цевки се сокриваат во челични и како испораките за иранската нафтена индустрија се користат како покритие за добивање на делови за нуклеарен реактор на тешка вода.

Автори на извештајот се експерти на ОН, кои го контролираат почитувањето на санкциите, наложени од СБ на ОН против иранскиот режим. Во него се вели дека обидите на Техеран илегално да си достави материјали за своите спорни нуклеарни и ракетни програми може да се намалени поради преговорите, кои ги води за долгорочен договор со светските сили.

-Испораките за мирни нуклеарни дејности на Иран се забранети. Засега, се што прави Иран е во согласност со правата и задолженијата по договорот за неширење на нуклеарното оружје. За несреќа, што и да направи Иран, дури и со добри намери, на тоа се гледа со сомневање, наместо како со нормално однесување од страна на еден учесник во договорот, рече Хамид Бабаеј, портпарол на иранската мисија во ОН.
Друг пример за заблуда, што експертите го набљудувале во последните две години, е поврзан со обидите на Иран да добие германски и индиски делови за својот реактор со тешка вода во Арак – постројка која се нарекува „јаболко на раздорот„ во преговорите меѓу Техеран и шесте светски сили.

САД и европските сојузници бараат Иран или да се откаже од тој проект, или да го трансформира во неопасен реактор на лесна вода. Техеран најави дека би прифатил такво трансформирање.