Каматата не може да биде повисока од долгот

Синдикатите и граѓанските здруженија се делумно задоволни од измената на Законот за облигациони односи. Нивното децениско барање е усвоено- каматата да не ја надминува висината на долгот, но сметаат дека правилото морало да важи ретроактивно.

Синдикалецот Марјан Ристевски за Алсат М вели дека од понеделник ќе бара средби со министерот за правда но и со гувернерката на Народната банка, да се изнајде можност законското решение да важи и за старите должници. Информациите на Конфедерацијата на слободни синдикати се дека се уште огромен број на граѓани плаќаат на рати собрани камати на долг кој не бил воопшто голем.

„Ние тука нема да застанеме, како конфедерација. Следно што ќе поднесеме, ќе бараме да се активира закон за застарување на долг. Веќе сме во фаза на изработка заедно со европски синдикати, во држави каде постои Закон за личен банкрот. Тоа ќе го доставиме и до министерството за правда и до собранието.“

Измените на Законот  ќе стапа на сила од први октомври. Според новите правила, граѓаните нема да плаќаат камати на заостанати долгови повисоки од главниот долг. За ова решение во собранието едногласни беа и власта и опозицијата и законот доби зелено светло со над 80 гласа. Од СДСМ велат дека законот е во интерес на граѓаните.

„Кога износот на стасаната а не исплатена договорна камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече. Ова во пракса значи дека нема повеќе да има ситуации каде некој граѓанин за долг од на пример 500 денари да плаќа пет илјади, осум илјади или десет илјади денари по основ на камати. “

Законот ќе важи како за правни  така и за физички лица. Само во последниот период граѓаните на социјалните мрежи објавуваа решенија од извршители за наплата на огромни суми за заостанати долгови и од само неколку денари.