Кандидати за градоначалници на Скопје потпишаа документ со заложби за младите

Кандидатите за градоначалник на град Скопје Петре Шилегов од СДСМ, Нафије Селмани од БЕСА, Ѓорѓи Тодоров од НДМ и Марија Џонс од Левица денеска потпишаа документ со заложби за потребите и приоритетите на младите подготвен од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

Како што истакнаа од НМСМ, целта на настанот е да им овозможи на кандидатите за градоначалници директно пред граѓаните да потпишат документ за заложби со кој се обврзуваат со својот политички кредибилтет да работат на програми за решавање на приоритетите и потребите на младите во Скопје.

Четворицата кандидати за градоначалници покрај поддршка за документот за заложби, ги изнесоа и своите видувања и делови од нивните програми кои се однесуваат на политиките за млади.

Според Нафије Селмани, општеството мора да биде отворено за барањата на младите бидејќи тие се локомотивата на општествениот развој.

Марија Џонс од Левица смета дека градот може да иницра активности за поддршка на младите преку инвестирање во двете средни училишта „Р.Ј. Корчагин“ и „Орце Николов“, кои се вели најдобри во државата, може да го поттикне младинскиот ангажман за општествено корисна работа, но и да се реафирмираат младинските задруги како можност за времени вработувања на младите во периодот на студии.

За Петре Шилегов, клучно е да се запре трендот на ислеување на младите преку обезбедување можности тие тука да ја најдат својата иднина, како и со мерки за нивни вработувања.

Потребата од вклучување на младите во градењето младински политики ја поддржува и Тодоров од НДМ.

Иако, го потврдиле своето присуство на настанот не дојдоа двајца од кандидатите за градоначланици на Скопје, на кои според најавата, документот со заложби ќе им биде дополнително доставен.

Документот со заложби е подготвен од НМСМ, а е поддржан од канцеларијата на Националниот демократски институт (НДИ) во Скопје. Содржи 3-4 проекти кои произлегуваат од приоритетите и потребите на младите, а произлегува од консултативни средби и форум со младинци и членови на младински организации.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.