Канонизација на свети Кипријан Слепченски за светител

Во пресрет на утрешниот 30 април (недела), како особено важен и светол ден за православието, во демирхисарско Слепче, во манастирот „Свети Јован Претеча“, ќе се одржи канонизација, односно прогласување на свети Кипријан Слепченски за светител.

Со службата ќе чиноначалствува Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение на останатите митрополити и епископи на МПЦ–ОА како и Архимандрити, чесното свештенсатво и ѓаконство на помесната Црква.

„Одлуката на Светиот Архиерејски Синод со која свети Кипријан Слепченски се запишува во списокот на светите ќе биде соопштена во текот на Светата литургија која ќе започне околу 9 часот. Сите посетители ќе имаат можност да се поклонат на иконата на свети Кипријан, миропомазување и да добијат икона од светителот“, се вели во соопштението од македонската православна црква.

Потсетуваат дека канонизацијата на свети Кипријан, кој на 30 април 1780 година маченички пострадал за православната вера, е првата свечена активност во програмата за одбележување на 50 години од возобновувањето на автокефалноста на МПЦ-ОА.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.