Капитални инвестиции има за 80 отсто повеќе во општините со градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, во споредба со оние од СДС

Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина „Локален економски развој“ која се одржува на политичкиот саем „Саем на промени што носат иднина” зборуваше за децентрализацијата односно посочи дека децентрализација нема затоа што во последниве години се случува опустошување на буџетот од страна на централната власт.

-Дефинитивно децентрализација немаме затоа што немаме пари како држава, а во последниве години се случува опустошување на буџетот и ваквите резултати што ги направија и ваквите задолжувања оставаат многу мал простор за да може во иднина да се помага повеќе на општините. Значи ќе треба многу да се крати и да се реорганизира во тој дел за да може на општините да им се даде многу повеќе. Но, дали може нешто да се направи, се разбира дека може. Се сеќавам пред една година кога почнаа да се спремаат буџетите на општините односно прво планот да се направи и програмата која ја извадија за изборите. Колку беа во тој период сите градоначалници позитивни, ентузијасти дека ќе успеат да направам многу за своите општини. Голем дел од нив победија на избори, имаа своја програма, свои ветувања, свои цели, но по еден месец почнаа еден по еден да кажуваат како сметките за струја се толку големи што секојдневно од една таква сметка што им стига, по една програма во буџетот им ја снемува. Но ова не ги обесхрабри нашите градоначалници туку тие почнаа да се организираат најдобро што можат за да можат да ги имплементираат и да ги реализираат проектите кои што ги ветиле, рече Димитриеска Кочоска.

Таа посочи дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во скопските општини се пред сѐ чесни луѓе и работат на реализација на својата програма.

Маја Кадиевска Војновиќ, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека СДСМ направија панаѓур од државата и тоа бројките јасно го кажуваат, се обидуваат да ги опструираат општините водени од ВМРО-ДПМНЕ, но и во такви тешки околности градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ успеваат да реализираат капитални проекти и да држат лекции на останатите градоначалници како се води општина.

-Околу 61% од општините на ВМРО-ДПМНЕ имаат зголемување на приходите, а за разлика од нашите општини, дури 63% од другите општини имаат пад на сопствените приходи. Ние со подобра цифра, тие со поразителна цифра. 73% од општините имаат годишно зголемување на приходите, а ова значи дека градоначалници работат да соберат приходи, да инвестираат, да изградат патишта, градинки, паркови, рече Кадиевска Војновиќ и додаде дека, во најголем дел сега е зголемена ефикасноста во  капитални инвестиции.

-Дефинитивно целокупниот развој на една општина е базиран на економскиот развој. Во контекст на тоа можеби на почеток економската стратегија не е видлива кај граѓаните што точно работи општината во таа насока, но на долг рок ефектите се гледаат. Ќе дадам само еден пример за мојот град Штип, ако во минатото го имаше приматот економски административен образовен центар на истокот, од Македонија, во изминатите години поради немањето на стратегија за економски локален развој и намалената поддршка од централната власт, дефинитивно го изгуби тој примат. Но, се трудиме во оваа година дена да направиме исчекор повторно да го вратиме, вели Иван Јорданов, градоначалник на општина Штип.

-Во рамки на општината формиравме економски совет преку кој што одржуваме редовно состаноци со бизнис секторот и компаниите каде што можеме да комуницираме на месечно ниво кои се нивните проблеми со кои тие се соочуваат. Од оваа интензивна комуникација ние одвоивме вработени лица кои на дневна основа комуницираат со бизнис секторот за да бидат нивен сервис и услуга и токму поради тоа имаме одобренија за градба, и оваа измината година бизнис секторот и претставниците се услужени од страна на локалната самоуправа што влијае на подобрување на бизнис климата, потенцираше тој.

Јорданов вели дека ако порано Штип важел за град каде што се отвораат нови работни места и инвестиции, изминатите 5 години со централна власт на СДС тоа не е случај, и токму поради тоа мора напорно да се работи за обезбедување на локален економски развој каде што на компаниите ќе им се обезбеди парцели за индустриски зони, соодветна инфраструктура.

Коце Трајановски, поранешен градоначалник на Град Скопје истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е народна партија која што потекнува од народот и работи за народот.

-Тој што има проекти, тој што направил нешто, тој прави вакви манифестации, тој сака да ги покаже манифестациите. Во изминатите четири години немавме ваков настан, ваква манифестација од страна на СДСМ заради тоа што немаа што да покажат. Премногу лични интереси, премногу уживање, премалку работење, а сето тоа го почувствува народот и затоа ги казнија на овие локални избори. Јас сум сигурен дека следната година ќе бидат уште повеќе проекти, поуспешни, а на крајот од мандатот мислам дека ќе градоначалниците ќе ја оправдаат довербата која што им ја дале граѓаните, појасни Трајановски.

-Она што се однесува на локалниот економски развој, како една од надлежностите која што 2005-та година беше префрлена на локалната самоуправа, јас имав можност, го имав задоволството да бидам градоначалник на Општина Гази Баба и тогаш беше почетокот на децентрализација и ние бевме пионерите, нагласи тој. Укажа дека тој период СДСМ беше на власт и им префрли енормно надлежности на општините, но не префрлија пари.

Трајановски посочи неколку примери како СДСМ воопшто ништо не направи за Град Скопје, еден од примерите е и Луна паркот кој тој го остави комплетно готов, дури направени беа и реквизитите, донесени во Скопје и поради неодговорноста на поранешниот градоначалник на Скопје останаа по магацините да скапуваат. И кога не се реализираат проектите навреме тогаш бизнисмените не соработуваат со локалната власт.

Претседателката на комисијата за локална самоуправа во Собранието Ане Лашкоска истакна дека темата за процесот на децентрализација некако во нашата држава како да се маргинализира.

-Сега имаме 84 општини и градот Скопје на почетокот сведоци сме дека најдобро се децентрализираше само Скопје или Скопскиот регион и тогаш ВМРО-ДПМНЕ го увиде овој проблем и се покрена прашањето за рамномерен регионален развој, кој што се донесе во 2007 година. Со кој закон општините во државата се поделени во 8 плански региони и веќе од 2008 ,2009 година почнаа и да се реализираат и проекти во овие плански региони со цел рамномерен развој на целата држава, нагласи Лашкоска која истакна дека во Македонија наместо децентрализација имаме деконцентрација.

-Според децентрализацијата општините треба да имаат надлежности во повеќе области како образованието, труд и социјалата, културата, здравството, локалниот економски развој, урбанизмот, спортот, меѓутоа зошто велам деконцентрација заради тоа она што кое се соочуваат градоначалниците е всушност дека ние имаме во општините само во сопственост објекти за кои што треба да се грижат меѓутоа работењето на тие објекти се уште е зависно од централната власт, односно со средства од централната власт. Во собранието се гледа да се заобиколи комисијата за локалната самоуправа имено закони кои што природно припаѓаат да се разгледуваат на оваа комисија се наоѓа нешто во законот па се пушта да се разгледува на друга комисија, во овој мандат единствено во комисијата ја разгледувавме стратегијата за рамномерен регионален развој 2020-2030 година, истакна Лашкоска.

Пратеникот Бојан Стојаноски кој е и претседател на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието се осврна и на опструкциите и кочниците кои централната власт ги практикува со цел да не се обезбеди поддршка за општините само затоа што најголем дел од истите се водени од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.

-Откако ние сме на мандат, три заеми биле можеле да ги користат општините. Првиот е оној со кој се зголемува опфатот на ДДВ што им се враќа на општините, вториот  беше преку Европската Банка исто така за локални патишта и тука би сакал да кажам дека тоа е еден директен пример како општините се кочат во придобивање на повеќе средства од централната власт, заради тоа што токму овие два закони 6 или 7 месеци мнозинството по завршување на локалите избори ги кочеше во Собранието преку лавиринти и трикови незакажувајќи седници, истакна Стојаноски и додаде:

Ако ги погледнете фактите, успесите на овие луѓе за кои сме ние тука денеска е особено поголем ако се види дека градоначалниците со нивни буџети особено во 95% од општините што ги администрира ВМРО-ДПМНЕ се во големи долгови, се направени исклучиво со средства на самите општини, со домаќинско работење, со работење кое што е насочено на максимилизација на ефектите од создавање на сопствени проекти, а без никаква централна поддршка. Тоа треба да се промени.