Кинеска компанија заинтересирана за изградба на пругата Бељаковце-Крива Паланка

Кинеска компанија е заинтересирана за тендерот за изградба на пругата Бељаковце-Крива Паланка кој вчера го објави Европската банка за обнова и развој. За ова во рамки на денешната посета на општина Крива Паланка информираше амбасадорот на Република Кина во Македонија Вен Женшун.

Нашата амбасада е отворена за соработка на компании од која било област и поврзување на фирми од Крива Паланка и Кина за остварување партнерства кои ќе придонесат за развој на општината. Од денешната посета заминувам со прекрасни впечатоци кои ќе ги пренесам на моите соработници и ќе поттикнам што повеќе туристи од Кина во иднина да се запознаат со убавините на вашиот град, нагласи Женшун.

Тој од домаќинот, градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски беше запознаен со работата на локалната самоуправа. Кинескиот амбасадор ја посети конфекцијата основана со кинеско-турска инвестиција, присуствуваше на пинг-понг турнир, а ги посети и градскиот музеј и манастирот Св.Јоаким Осоговски.

Алексовски изјави дека за оваа прва посета на кинески амбасадор на градот гостинот го запознале со економското работење на општината, бизнис-климата, градскиот музеј и манастирот Св.Јоаким Осоговски, изјави градоначалникот Алексовски. Двајцата разговарале и за понатамошна идна соработка на економски и културен план.

Имавме размена на идеи и корисни мислења за надополнување и надградба на нашата соработка, ја посетивме „Веибо груп“ – Кинеско-Турска инвестиција од областа на конфекцијата која вработува 650 луѓе од градот, потоа, на наше огромно задоволство го посетивме пинг-понг клубот од градот кој дава голем процент репрезентативци на Македонија, а нам ни беше особено драго дека националниот кинески спорт се практикува и кај вас, и тоа успешно, рече Женшун.