Клиника за детска хирургија реагира по апелите за помош за малата Исидора

Клиника за детска хирургија – Скопје  ја информира јавноста за манипулациите кои се прават со апелот за помош на малата Исидора Димовска, кој вчера се појави на социјалните мрежи и во кој родителите на детето бараат парична помош за лекување и операција на детето,  со образложение дека истата не може да се изврши во нашата земја.

-Имено станува збор за кардиохируршки пациент чија состојба  редовно се следи на Клиниката за детски болести. Пациентот првично беше планиран за операција во фебруари 2016 година од страна на тимот на Проф.Бил Новик. Поради исклучително тешката здравствена состојба на детето (развиена масовна бронхопневмонија со опструктивен наод) бебето беше хоспитализирано, поставено на антибиотска терапија и следено во период од две недели. Поради моменталната здравствена состојба операцијата беше одложена со препорака пациентот да се оперира во април кога тимот на Проф. Новик повтрно ќе дојде во земјава. И по неколку обиди да се стапи во контакт со родителите, тие одбиваа да го донесат детето дури и на преглед и покрај тоа што им беше укажано дека доколку операцијата не се направи, состојбата на детето ќе се влоши до тој степен да нема да може воопшто да се направи операција и животот на детето ќе биде во опасност. Во Април повторно не се појавија на преглед и оперативен третман, велат од Клиниката.

Пред две недели Исидора беше хоспитализирана на Клиниката за детски болести повторно во тешка состојба со дијареа, повраќање и тешка дехидратација.

-Во тој период на Клиниката беше Проф. Јован Кошутиќ, кардиолог од Институотот Мајка и Дете од Белград и соработник на Проф. Новик. Тој го прегледа детето и препорача итна интервенција од страна на Проф.  Новик  и македонскиот тим кој од 4 јуни е во земјава. По неколку разговори со родителите, тие останаа на ставот дека не се согласуваат детето да биде оперирано во земјава иако постои можност за тоа. Одбија да потпишат документ дека им е предложена опрација и дека истата ја одбиваат поради присуство на пулмонална хипертензија и не можноста за соодветен третман во одделот за интензивно лекување на клиниката за детска хирургија. Проф.Новик му објасни на родителот дека е еден од тројцата хирурзи во свет со најголемо искуство во третманот на деца со пулнонална хипертензија кои можат да се проверат на интернет преку објавени трудови и книги напишани од негова страна во однос на оваа проблематика. Одделот за интензивна нега на Клиниката за детска хирургија во моментот има доктори кои се експерти од таа област и се пристигнати од најдобрите центри во светот. Без разлика на тие податоци кои родителот ги доби на своја иницијатива го земаа детето од болница каде со недели е хоспитализирано. Инаку се работи за дијагноза VSD, ASD со почетна  пулмонална хипертензија, дијагнози кои се многу чести и кои се оперираат без никаков пробем кај нас ( 41 операции со оваа проблематика до сега),  велат од Детска клиника.

До сега на клиниката за детска хирургија се извршени околу 200 операции на отворено срце со морталитет за 2015 од 3.5% што се движи под границите на европскиот стандард. Не постои земја во светот каде се извршуваат кадиохируршки операции без одреден степен на смртност .

-Со тоа сметаме дека со вакви дезинформации и малверзации се девалвира работата на македонскиот и американскиот тим кој деноноќно и пожртвувано работат се со една цел да им помогнат на децата со срцеви мани во Р.Македонија, порачуваат од Клиниката.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.