Контроверзно писмо од Атина во пресрет на средбата Меркел – Ципрас

Во писмото испратено минатата недела од грчкиот премиер Алексис Ципрас до офијален Берлин, но и до неколку други европски главни градови се вели дека „е невозможно Грција да го сервисира долгот во наредниве неколку недели без кратокорочна финансиска помош од ЕУ“.

Писмото кое што го објавува денеска Фајненшел тајмс, а за кое не е познато дали е доставено од Атина или од Берлин содржи објаснување од грчката влада зошто Грција нема да може да ги плати сметките кои што пристигнуваат за наплата.

Ципрас смета дека е невозможно да ги врати долговите пред се поради тоа што нема пристап до пазарите на пари како и поради специјалните забрани од Европската централна Банка.

Грчкиот премиер аргументира дека Атина може да избира меѓу плаќање на долгот или плаќање на социјалните трансфери на што се противи еврозоната. Писмото од Атина е објавено на денот кога во Берлин треба да се сретнат канцеларката Меркел и грчкиот премиер Ципрас.

Германската влада денеска потврди дека во Берлин пристигнало писмо од Атина но одби да ја коментира содржината на истото. Официјален Берлин вели дека од средбата Меркел – Ципрас не треба да се очекува драматично поместување на проблемот со грчкиот долг затоа што ова прашање не може да го решаваат индивидуални члени на еврозоната туку сите заедно преку Еврогрупата.

Според дел од германкисте медиуми вечерва Ципрас на Меркел ќе и предложи неколку нови мерки за неговата влада како поголем данок на цигари и алкохол како и зголемување на возраста за заминување во пензија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.