Кожув и Куманово го почнуваат походот во БИБЛ Лигата

Двата тима во новиот шампионат влегуваат по една разочарувачка сезона во која за првпат немаше тим од Македонија на фајналфор-турнирот, но во новото првенство влегуваат со амбиции да го повторат успехот на Фени индустри, кој стана шампион во 2011 година.

Со вечерашните средби против Морнар (19 часот) на домашен односно против Пеќ (19.30 часот) на гостински терен, кошаркарите на Кожув и на Куманово ќе го почнат настапот во седмото издание од Еврохолд Балканска лига (БИБЛ).

За двете екипи ова ќе биде трето по ред учество во ова регионално натпреварување, во кое ќе се обидат да го повторат успехот на Фени индустри, кој во 2011 година на завршниот турнир во Кавадарци го донесе првиот меѓународен триумф за еден македонски кошаркарски тим. Нашите претставници во новиот шампионат влегуваат по една разочарувачка сезона во која за првпат немаше тим од Македонија на завршниот фајналфор-турнир. Кумановци испаднаа во четвртфиналната фаза, додека гевгеличани беа на самото дно од табелата по регуларниот дел од првенството.

За разлика од лани, Кожув и Куманово сега влегуваат со посилни екипи и со далеку повисоки амбиции, меѓу кои дефинитивно е пласман во големото финале. Шанса за тоа им носи неиграњето на актуелниот шампион, бугарски Левски, како и немањето тимови од Израел, кои доминираа во последните три изданија на БИБЛ-лигата.

Во првата фаза, кумановци ќе играат во групата А во која покрај денешниот противник од Косово ќе играат уште црногорските екипи Сутјеска и Теодо како и бугарски Рилски спортист. Екипата од Гевгелија е во групата Б со црногорски Морнар, косовска Сигал Приштина, романска Крајова и албанска Влазнија.

Пласман во следната, Топ 8-фаза ќе обезбедат по четирите најдобри, и тоа повторно поделени во две групи. Победниците од групите Ц и Д директно ќе се најдат на фајналфор-турнирот, додека второ и третопласираните ќе играат во четвртфиналната фаза во два меча на вкупен резултат.

Сезонава раководството на БИБЛ не обезбеди фиксни награди, туку предвиде поделба на евентуалните приходи и тоа 30-отсто за лигата, а 70-отсто за шесте најдобри тима на крајот од сезоната. Поделбата на овие пари, нормално ако ги има, би биле по 10-отсто за петто и шестопласираните, по 15-отсто за екипите што ќе завршат на третата и на четвртата позиција, 20-отсто за вицешампионот, а 30-отсто за првакот.

извор: спортмедиа.мк