Криминал и корупција во подем, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација за Спасовски

ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе во парламентот интепрелација за работата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поради бројните нерешени случаи на убиства, прислушувања и политичкиот прогон на политичките неистомисленци, но и финансиски малверзации, најавува во петокот лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

Криминал во подем, држава со најголем раст на индексот за перцепцијата за корупција, сомнителни тендери во МВР!

Тепање на сопствениот народ и политички прогон. Криминалот на луѓето од власта останува нечепнат, криминалци се пуштаат на слобода додека патриоти се затвораат. Незаконски претреси по домовите на луѓе кои протестираат.

Црниот Вотергејт на Заев со кој се прислушкувало обвинителството и судството, за да се клекне на колена и уценува, е црно петно за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

И поради сето ова, и многу повеќе работи кои ќе бидат образложени во Собранието ќе поднесеме интерпелација за работата на Спасовски. Оставка поради неговото црно владеење со министерството, прогонот, неказнетиот криминал и растечката корупција!, пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на својот фејсбук профил.

 

Итната оставка на министерот Оливер Спасовски, поради аферата со прислушувањето на јавните обвинители и судиите, нерасчистените убиства, криминалот по улиците, и општото чувство на небезбедност на граѓаните, е едно од шесте главни барања на ВМРО-ДПМНЕ истакната минатиот месец на почетокот на континуираните масовни протести во Скопје и ширум земјата

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.