Лас Вегас Ејс ја одбранија титулата во ВНБА

Кошаркарките на Лас Вегас Ејс ги совладаа Њујорк Либерти со 70:69 во четвртиот натпревар од финалната плејоф серија за шампион во ВНБА ликата одигран во „Баркли центарот“ и на тој начин ја одбранија титулата освоена минатата година.

Ејџа Вилсон ги предводеше новите и старите шампиони со 24 поени и 16 скока за нејзиниот шести „дабл-дабл“ учинок во плеј-офот и беше прогласена за најкорисен играч во финалната серија.

Џеки Јанг постигна 16 поени со седум асистенции, Кајла Џорџ додаде 11 поени, а Алиша Кларк имаше 10 поени и осум скока за победничките.

Кортни Вандерслут беше најдобрата играчка на домашната екипа со 19 поени, седум скока и шест асистенции, но со звукот на сирената промаши шут кој можеше да им донесе победа на Њујорк Либерти и да ја одведе серијата во решавачкиот, петти натпревар. .

Либерти имаше 12 поени предност во текот на мечот, но гостинките ја надополнија негативата во третата четвртина и поведоа.

За Беки Хамон ова е втора ВНБА титула како тренер и втора со тимот од Лас Вегас што го презеде пред минатата сезона. Ејс, така, станаа првиот клуб по Лос Анџелес Спаркс (2001/2002) кој освоил две последователни шампионски титули.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.