Лихвари го тепале момчето во Аеродром

Скопјанецот В.Г.(27) од Драчево, момчето кое вчера беше крвнички претепано во населбата Аеродром, а снимката од тепањето беше пуштена на социјалните мрежи, бил нападнат од лихвари, изјави тој за „Фокус“ од Клинички центар во Скопје. Тој таму беше примен со безсознание и со повеќе повреди.

Се се случи многу брзо. Не успеав да им ги видам лицата, а девојката што беше до мене ги препозна. Ме нападнаа 4-5 лица, кои претходно ми изнудуваа пари. Ме удираа со пиштол во главата, и два пати во ногата бев прободен со шрафцигер или нож. Едноставно, се обидуваа да ме убијат, изјави В.Д. за „Фокус“.

Според него, станува збор за лихвари кои се познати во Скопје по насилство и криминал.

Јас го имам вратено долгот што го имав кон нив, но тие ја бараа каматата. Поради тоа се случи сето ова.

Од МВР веста за инцидентот ја објавија во денешниот билтен.

На 20.09.2018 година во 22,05 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улицата Методија Шаторов Шарло пред угостителски објект повеќе лица, од кои тројца пријавителот ги познал, физички ги нападнале В.Г.(27) и М.З.(21) и двајцата од Скопје. В.Г. во еден момент изгубил свест. Потоа, заедно со М.З. со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Комплексот клиники “Мајка Тереза“ во Скопје. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР-Скопје и се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот.