Људмил Кљусев е осуден на 26 месеци затвор

Људмил Кљусев, син на првиот премиер на независна Македонија, Никола Кљусев, осуден е на 26 месеци затвор и на парична казна од 17.500 долари, се вели во соопштението на Министерството за правда на САД.

Кљусев бил осуден од страна на американскиот окружен судија Алвин Томпсон во Хартфорд, за нелегално дистрибуирање наркотици како и за вршење измама со здравствена заштита.

Кљусев, кој во САД работи како психијатар, беше уапсен на 12 ноември лани, обвинет дека на пациентите им препишувал големи количества лекови „aдерал“ и „занакс“ (кај нас познат под името „хелекс“) за кои тие му плаќале во готово.

„Истрагата, која вклучува доверливи сведоци и полицаец на тајна задача кој се претставувал како пациент, откри дека Кљусев ги препишувал лековите без целосен медицински преглед на пациентите, препишувал рецепти без потврда на состојбата која бара медицински третман со овие лекови и издавал рецепти во замена за пари на пациенти кои покажувале злоупотреба на дроги и зависничко однесување. Тој, исто така, им наредувал на вработени да потпишуваат рецепти од него, кога тој бил надвор од земјата. Во 2014 и 2015 година, Кљусев незаконски фактурирал од приватни здравствени осигурителни компании околу 76.983 долари за извршени медицински услуги кога тој бил надвор од земјата“, се вели во соопштението.