Македонски Брод има добиено 40 милиони денари за изградба на патишта

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и градоначалникот на општина Македонски Брод, Милосим Војнески денеска го посетија новоизградениот пат од селото Лаг до селото Могилец. Патот во должина од 3,5 километри е реализиран со средства од Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој во износ од 15 милиони денари,  а со 3 милиони денари учествувала и локалната самоуправа.

Како што информира градоначалникот Војнески, општина Македонски Брод преку Агенцијата има добиено 40 милиони денари од кои досега е изграден овој пат кој порано речиси наликувал на козја патека. Асфатирани се и 600 метри улици во износ од 10 милиони денари во село Самоков до новата населба Сувенир.

Војнески истакна дека изградбата на  новиот локален пат придонел во селото да се вратат жители кои ги користат поволностите што ги нуди Владата  за руралните средини.

Инаку, останатиот дел од средствата ќе се искористат за доуредување на пештерата Пешна која има најголем отвор на Балканот и е со должина од 10,5 километри.

Тој посочи дека во моментов таму се забавени работите на уредувањето на пештерата, бидејќи се најдени одредени археолошки ископини и очекува наскоро Министерството за култура да им даде дозвола да продолжат со градба. Се очекува за три месеци да биде готов и овој проект.

Се планира во пештерата да се изградат две патеки со травертин плочки кои ќе бидат осветлени и таа да стане значајна туристичка атракција.

Во Самоков Груевски го посети и новоизграденото повеќенаменско спортско игралиште кое е дел од 59-те игралишта што досега ги има изградено Агенцијата за млади и спорт (АМС) ширум Македонија. Игралиштето, како што информира директорот на АМС Марјан Спасески, е во завршна фаза и останува само да се приклучат рефлекторите за ноќно користење. Но, сепак младите од Самоков, вели, активно го користат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.