„Македонско село“ ги отвора портите

До крајот на месецов ќе заврши изградбата на новата туристичка атракција во Скопје – „Македонско село“, коe опфаќа 12 автентични куќи во стилот на различни региони во земјава и коe се наоѓа на падините на Водно, во близина на манастирот „Свети Пантелејмон“.

Како што е веќе познато, концесионер на комплексот е фирмата  „Тренд инвест“, која ќе ги извршува хотелиерските и угостителските дејности.

„Комплетната финализација е планирана за крај на месец јули. Фирмата концесионер ’Тренд инвест’, согласно договорот за јавно приватно партнерство, ќе стопанисува и ќе управува со комплексот ’Македонско село’ во период од 20 години“, велат од Министерството за економија.

Ентериерот на куќите е сосема завршен, а во завршна фаза е и подготовката на музејот од страна на Министерството за култура.

„При крај се работите околу водоводот, се финишираат деталите околу ентериерот, поставени се струјомерите, поставена е и калдрмата, а од страна на Министерството за култура при крај е подготовката на музејот. Моментално се работи на резервоарот за вода, поточно на поврзување со прочистителната станица, другите активности се во завршна фаза, ентериерот на куќите е сосема завршен, се финишираат деталите за ентериерот во ресторанот“, додаваат од Министерството за економија.

Со овој проект традиционалниот амбиент им станува поблизок и подостапен на граѓаните кои живеат во Скопје, а воедно истиот е новина и атракција како за домашните, така и за странските туристи.

Првиот кат од автентичните куќи е своевиден музеј во кој ќе бидат прикажани грнчарница, ковачница, ткајачница, карактеристични за крајот од кој потекнува изгледот на куќата. На горниот кат од куќите има соби во кои ќе може да се преноќи.

Покрај куќите, во комплексот е изграден и музеј во кој ќе бидат изложени предмети од македонската култура, народни носии, како и археолошки содржини.

Чешмата сред село, трлото и бачилото го прават изгледот уште поавтентичен, а покрај другото во комплексот има и меана, каде посетителите ќе можат да ги дегустираат традиционалните специјалитети.

За овој проект Владата издвои околу 5 милиони евра.