Масовна гробница на ИД откриена во Палмира

Сириската војска во Палмира открила масовна гробница со тела на 42 цивили и војници, кои биле погубени од припадниците на Исламска држава, објавија денеска сириските државни медиуми.

„Сириската војска вчера откри масовна гробница со остатоци од офицери, војници и членови на нивните семејства“, објавија медиумите, додавајќи дека 24 од жртвите биле цивили, вклучувајќи и три деца, пренесоа британските медиуми.

Палмира минатата недела беше ослободена од џихадистите.

Прелиминарните прегледи врз телата на жртвите укажуваат на тоа дека на некои од нив им била отсечена главата, додека другите биле брутално мачени пред да бидат убиени.

Сириската војска продолжува со ископувања на локацијата на масовната гробница, бидејќи стравува дека во неа може да се наоѓаат тела на уште жртви.