Математиката е учење за решавање на секојдневните проблеми

Докторката Славица Арсова од Клиниката за психијатрија потенцира дека без математика не може да се биде добар лекар и не може лесно да се совлада материјалот во медицината.

-Математиката е наука која што е една од најстарите и се занимава со изучување не само на бројки туку со добра перцепција на просторот, со добра организација на просторот, донесување на одлуки, развој на психичките функции. Така да, доколку некоја личност сака да се занимава со медицината мора да има сериозни познавања од математиката и од физиката, а овие две науки се цврсто поврзани едната со другата, вели Арсова.

Математиката, вели докторката, е доста потребна и во нејзината област психијатрија.

-Постои еден правец во психологијата, особено, кој што се вика математичка психологија и кој се занимава со изучување и третман на пореметувањата на сите психолошки функции, особено на когнитивните функции, односно со развој и подобрување на вниманието, на мислењето во правец на пологично размислување, побрзо донесување на одлуки, поефикасни одлуки во однос на секојдневната работа, подобра перцепција на себе и на другите околу нас и  подобра перцепција на просторот околу нас. Во таа смисла и поголема ефикасност во секојдневното функционирање на било која личност, вели доктор Арсова.

Таа вели дека математиката која одамна се изучува е предмет кој е многу важен не само со цел да се добие 5ка и добри резултати, туку токму заради психолошкиот развој на детето.

-Математиката би требало да биде еден вид на учење на детето како побрзо да ги решава секојдневните проблеми, не само решавање на задачи, односно преку решавањето на математичките проблеми ќе се научи како побрзо да ги решава секојдневните проблеми. Математиката како таква би требало да им се приближи на децата и да не се создава баук од самиот предмет, туку напротив да биде задоволство и еден вид на промена во однос на другите предмети кои што ги имаат пред или по изучувањето на математиката. Математиката е повеќе предмет кој што се занимава со решавање на задачи дали се тие од областа на алгебрата или геометријата не е важно, туку е решавање на задачи, кое што може кај детето доколку му се приближи на таков начин, да побуди голем интерес, да побуди развој на креативноста и да му биде интересна, да не се плаши од математиката и да има отпор кон тој предмет, заклучи докторката од клиниката за психијатрија Славица Арсова.