Миладиновци и натаму загадено со токсичен јаглерод моноксид

Дождот и ветерот по кој знае кој пат на дело покажаа колку квалитетот на воздухот во македонските градови зависи од метеоролошките прилики. Штом почна засилениот ветер, за кратко загадувањето беше раздувано, па мерните станици на Министерството за животна средина за прв пат по подолго време зимава „светкаат“ во зелено во сите градови, а Скопје денеска го нема на листата од 100 најзагадени градови во светот на IQAir.

Сепак, колку и да изгледа чисто, загадување со ПМ10 сепак има. Во Скопје мерната станица Центар и покрај сиот ветер за вчера покачува среднодневно ниво на ПМ10 од 55,7 микрограми на кубик воздих, што е над дозволената граница од 50 мцг/м3 која се смета за безбедната граница за човековото здравје. На сите останати скопски станици среднодневната вредност на ПМ10 е под 50.

Во западната зона надминување на среднодневната вредност има во Тетово, каде за вчера изнесува 82,9 микрограми на кубик воздих, како и во Кичево со 59 мцг/м3.

Во источната зона прекумерно загадување има во Струмица и за вчерашниот ден изнесува 83 мцг/м3. За Кочани, Куманово и за Гевгелија сѐ уште нема податоци на сајтот на Државниот автоматски мониторинг.

Овие среднодневни концентрации на прав иако ја надминуваат безбедната граница не се доволни ниту за информирање, ниту за алармирање, затоа што прагот на аларм е утврден на надминување на среднодневната вредност над 150 микрограми на кубик воздух два дена по ред и прогноза од УХМР за стабилно време без ветер. За информирање на јавноста од страна на надлежните дека воздухот е загаден и треба да внимаваат, потребна е дневната вредност да биде над 100 микрограми.

За прв пат по три седмици нема загадување со прав ниту во Штип, каде загадувањето се мери со мерна станица со која управува Универзитетот „Гоце Делчев“. Во овој источен град вообичаено нема загадување преку зима, а оваа сезона за прв пат и Штип се приклучи во листата македонски загадени градови.

Но, и покрај олеснувањето со загадувањето со ситни честички, остана загрижувачкото загадување со токсичниот јаглерод моноксид во Миладиновци. На оваа мерна станица и натаму нивото на јаглерод моноксид е високо и за вчерашноот ден повторно е блиску до границата на безбедната вредност, која се изразува како осумчасовен просек. За безбедно ниво се сметаат концентрации под 10 микрограми на кубик воздух. Оваа бројка беше надмината завчера, а вчера изнесуваше 9. Според Законот за квалитет на воздухот во годината не смее да има вакво пречекорување на загадување со јаглерод моноксид во ниту еден ден.

Јаглерод моноксид може да предизвика срцеви болести и оштетувања на неврвниот систем, како и главоболки и замор. Тоа е безбоен, отровен гас без мирис и вкус, а 20 отсто од глобалните емисии се од човековите активности како што се нецелосно согорување на горивата базирани на јаглерод и тоа нафтата, дизелот и дрвото. Примарните извори на емисија на јаглерод моноксид се издувните гасови од автомобилите и согорувањето на цврсти и течни горива во домаќинствата, како и индустриските процеси, непотполното согорување на цврст отпад и шумските пожари.

– Јаглерод моноксидот ја менува и атмосферската фотохемија која има удел во формирање на смогот (приземен озон О3). Имено, јаглерод моноксидот е проблем за локалното загадување и претставува најголема закана за урбаните области со густ проток на сообраќај. Милиони тони од овој невидлив, но смртоносен гас, се испуштаат во атмосферата секоја година, пришто околу 75% потекнуваат од издувните гасови на автомобилите. На улиците и во гаражите за паркирање, нивоата на опасност се надминати во поголем дел од времето – се вели на страницата на МЖСПП во врска со овој полутант.

Покрај Миладиновци, зголемувања на јаглерод монксид за време на зимските сезони досега се забележувани и на мерната станица Лисиче.