Милион Чилеанци излегоа на мирен протест во Сантијаго

Милион Чилеанци синоќа мирно протестираа во главниот град Сантијаго, на најголемиот собир откако изби насилство во повеќедневните демонстрации во оваа јужноамериканска држава.

Демонстрантите, кои вееја државни знамиња, играа, удираа во тенџериња и носеа транспаренти со кои се повикува на политички и социјални промени, минаа километри за од предградијата на Сантијаго стигнат до центарот на градот, до плоштадот Италија.

Британските медиуми пренесуваат дека собраќајот низ градот, што  веќе од претходно беше отежнат заради протестот на возачите на камиони и таксистите, сега беше целосно запрен, бидејќи демонстрантите ги блокираа главните улици и јавниот превоз.

Сите демонстранти синоќа си заминаа за своите домови, почитувајќи го полицискиот час што почна во 23 часот.

Во Сантијаго има вонредна состојба, која претседателот Себастијан Пинера ја прогласи по нередите во кои многу згради во центарот на градот беа запалени, а градскиот метро беше блокиран.

Пинера изјави дека ќе прогалси специјален закон за безбедност за да може да се процесуираат „криминалците“ кои се одговорни за нанесената штета во Сантијаго, но, истовремено, изјави и дека го разбира незадоволството на оние кои се погодени од растот на цените на јавниот превоз.

Главниот град на Чиле и другите градови веќе со денови се парализирани од немирите чија „искра“ беше кревањето на цената на билетите во метрото, но подоцна прераснаа во протест заради високите трошпци за живот и нееднаквоста, бидејќи во оваа земја здравството и образованието се речиси целосно приватизирани.

Пинера уште минатата сабота ја поништи одлуката за кревање на цената на билетите за метрото.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.