Минимална плата 18.000 денари со мартовската исплата, барање за усогласување и на останатите плати

Со вчерашното изгласување на измените на Законот за минимална плата станува реалност барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 18.000 денари. Со тоа, околу 80.000 работници во земјава со мартовската исплата во април ќе земат повисока минимална плата за околу 2.800 денари.

Законските измени добија поддршка од сите пратеници, иако во текот на тридневната дебата можеа да се слушнат различни мислења од пратениците од партиите на власт и од опозиција. За првите, законското решение е добро бидејќи со него се подобрува животниот стандард на околу 80.000 работници кои земаат мининална плата, додека ставот на опозицијата е дека ќе дојде до урамниловка ако се зголеми само минималната, а не и останатите плати.

Изгласувањето на законското решение го поздрави премиерот Димитар Ковачевски, кој преку Фејсбук оцени дека зголемувањето на минималната плата ќе придонесе кон подобрување на животниот стандард на граѓаните.

– Минималната плата од 18.000 денари која ја ветивме, денес е реалност! За многу кратко време, од 4,25 минимални плати кои беа потребни во 2016 да се покрие потрошувачката кошничка, денес стигнавме до момент кога со 2 минимални плати се покрива целата потрошувачка кошничка. Нам како Влада ни е најважно сега, во услови на криза, секој денар од буџетот ефикасно да го користиме и да го пренасочиме кон граѓаните и стопанството, напиша Ковачевски, најавувајќи зголемување и на пензиите.

Од Министерството за труд и социјална политика очекуваат дека зголемувањето на минималната плата позитивно ќе влијае и на останатите плати, а со променетата методологија на усогласување на минималната плата ќе се гарантира одржливост и континуиран раст на минималната плата. Усогласувањето ќе се врши според следните критериуми – 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од трошоците за живот, а висината на минималната плата нема да смее да биде пониска од 57 проценти од просечната плата.

– Очекуваме ова законско решение да влијае позитивно и на останатите плати во другите индустрии, со што се подобрува стандардот на граѓаните. Од 2017 година имаме континуирано зголемување на минималната плата и тоа во 2017/2018 година на 12.000 ден, во 2019 година на 12.507 ден, во 2020 на 14.500 денари и во 2021 на 15.194 ден. Сега со новиот предлог, од март 2022 година, минималната плата ќе изнесува 18.000 денари за разлика од 2016 кога минималната плата изнесуваше 10.080 денари. Со оглед на тоа дека методологијата е промената очекуваме и зголемување на продуктивноста на трудот, изјави вчера министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Зголемувањето на останатите плати, според Тренчевска, не е предмет на овој закон, туку на матичните закони и на колективните договори.

И од СДСМ го оценија како позитивен чекор зголемувањето на минималната плата во услови на економска и енергетска криза. Пратеничката Санела Шкријељ во изјава за медиумите го поздрави потегот на опозицијата да даде поддршка на законското решение и ги повика да гласаат и за Предлог-измените на Законот за наставници и стручни соработници.

– Грижата за работниците е наш врвен приоритет бидејќи тие се наша најголема вредност. Затоа за само четири и пол години успеавме двојно да ја зголемиме минималната плата, којашто во 2017 година изнесуваше само 8.800 денари. Растот на минималната плата ќе доведе до раст и на останатите плати во сите сектори. Го поздравувам потегот на пратениците од опозицијата кои го поддржаа ова законско решение и ги повикувам да ги поддржат и Предлог-измените во Законот за наставници и стручни соработници кој овозможува повисока плата за уште 27.000 наши граѓани, изјави Шкријељ.

Зголемувањето на минималецот ќе биде потпомогнато од страна на државата која ќе одвои пари од Буџетот за да ја покрие разликата во придонесите до крајот на годината.

– За спроведување на Законот за минимална плата до крајот на годината ќе бидат потребни 939.645.000 денари од Буџетот на Република Северна Македонија. Државата ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите од минималната плата од 15.200 денари која се исплаќа сега, до онаа која ќе се исплаќа за март од 18.000 денари. Предвидената финансиска помош од Буџетот на Република Северна Македонија се однесува за периодот март-декември 2022 година и таа ќе биде во износ од 1.197,00 денари. Притоа, се дефинира дека оваа финансиска помош им се обезбедува на работодавачите за работници на кои основната плата ќе се исплаќа до нивото на бруто плата во износ од 26.422,00 ден, изјави вчера Тренчевска.

Предлог-измените на Законот за минимална плата беа доставени до Собранието откако по неколкудневни преговори на Економско-социјалниот совет на 7 февруари беше постигнат договор за зголемување на минималната плата на 18.000 денари.

По обелоденувањето на договорот за зголемување на минималната плата реагираа дел од синдикатите укажувајќи дека мора да се зголемат и останатите плати. Конфедерацијата на слободни синдикати остави простор до средината на март да се реши ова прашање, а во спротивно најави радикализирање на идните чекори.

За сабота предупредувачки протест веќе најавија независните синдикати на полицијата и на армијата кои бараат усогласување на платите во однос на новиот закон за минимална плата.

– Очекуваме дека оваа 2022 година после покачувањето на минималната плата од 15.174 денари на 18.000 денари, конечно Министерството за внатрешни работи ќе сфати дека усогласувањето на платата како што е предвидено од постоечките законски регулативи ќе го смета за вработените и со секое покачување на минималната плата ќе има и порамнување на платите. Не бараме ништо повеќе, бараме само почитување на законите кои се однесуваат за платите на вработените во полицијата, изјави вчера претседателот на Независниот синдикат на полицијата Гоце Делчев.

Доколку нема реакција од институциите по предупредувачкиот протест, од Независниот синдикат на професионални војници најавија дека војниците со шатори ќе протестираат пред Владата.