Министерка на Мадагаскар во оставка, откако сакала да купи лижавчиња за два милиона долари

Мадагаскарската министерка за образование, Рижасоа Андиаманана, беше принудена да поднесе оставка, откако е одбиен нејзиниот план за купување слатки за основците во вредност од 2,2 милиони американски долари.

Министерката објаснила дека сметала оти е добро на секој ученик да му се дадат по три лижавчиња кои би го ублажиле горкиот вкус од растителна напивка којашто ја земаат, бидејќи наводно лекува од коронавирусот.

Локалните медиуми пишуват дека била принудена да ја откаже нарачката, откако шефот на државата Андри Ражоелена го одбил нејзиниот предлог, иако неговата влада споменатата напивка ја промовира како лек против Covid-19.

Некои африкански земји и натаму го увезуваат сирупот „Covid-Organics“, верувајќи дека тој придонесува во борбата против вирусот, иако Светската здравствена организација (СЗО – WHO), изрично тврди дека нема докази за тоа оти овој расителен сируп го лекува коронавирусот.

Претседателот на Мадагаскар ги отфрла ваквите критикик, бидејќи смета оти тоа е доказ за потценувачкиот став на Западот кон Африка.

„Доколку некоја европска земја го откриеше овој лек, дали толку ќе имаше сомневање во него? Мислам дека не“, изјави Ражоелена за француската телевизија France 24.

И мадагаскарската национална Медицинска академија изрази сомневање во ефикасноста од напивката направена на основа на див пелин, со објаснување дека може потенцијално да му наштети на здравјето на луѓето..

На Мадагаскар, една од најсиромашните земји на светот, до понеделникот се регистрирани 1.052 случаи на зараза со новиот коронавирус, од кои девет имале смртен исход.