Можни американски санкции за европските компании кои работат со Иран

Можни се санкции за европските компании коишто работата со Иран по повлекувањето на САД од меѓународниот нуклеарен договор, порача во неделата советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон.

„Можно е. Зависи од однесувањето на другите влади“, изјави за емисијата „Состојна на сојузот“ на телевизијата CNN, Џон Болтон, кој важи за голем поборник на излегувањето на САД и договорот со Иран и остра американска политика кон Техеран.

Со повлекувањето од меѓународниот нуклеарен договор со Иран од 2015 година американскиот претседател Доналд Трамп ги вознемири европските сојузници на САД кои сметаат дека иако договорот не е идеален засега обезбедува Иран да не дојде до нуклеарна бомба, и сакаат да продолжи работењето на нивните компании во оваа земја по децениските санкции.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави во неделата дека се надева оти САД и Европската унија ќе можат да договорат како да се однесуваат кон Иран, откако претседателот Трамп се закани со санкции за европските компании коишто ќе продолжат да работат во оваа земја. Во разговорот за телевизиската мрежа Fox News, Помпео рече дека САД не ја целеле Европа кога се повлекоа од иранскиот нуклеарен договор минатата седмица.

„Се надевам дека во текот на следните денови и седмици ќе можеме да дојдеме до договор кој навистина ќе функционира, кој навистина го штити светот од лошото однесување на Иран, не само неговата нуклеарна програма, туку и неговите проектили и неговото зло однесување“, рече шефот на американската дипломатија.

Иранскиот претседател Хасан Роухани изјави дека Иран ќе остане доследен на нуклеарниот договор, кој освен САД го потпишаа и другите четири постојани членки на Советот за безбедност при ОН – Русија, Кина, Велика Британија и Франција плус Германија, под услов овие земји да може да осигурат дека Техеран ќе остане заштитен од санкциите против неговите клучни економски сектори како што е нафтата.

Трите европски земји повторија дека се доследни на спроведување на договорот, но високопозицираниот и влијателен верски челник ајатолахот Ахмад Катами изјави во петокот пред верниците на Техеранскиот универзитет дека на Европа не може да ѝ се верува.

Висок функционер на владејачката Христијанск-демократска унија (CDU) на германската канцеларка Ангела Меркел и претседател на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот, оцени минатата седмица дека најверојатно нуклеарниот договор со Иран е мртов.

„Потезите (на Трамп во однос на Иран – з.р.) покажуваат колку Европа е немоќна во надворешната политика (…) Немаме што да им предложиме на Иранците како замена за американското излегување. Оној кој вложува во Иран ќе биде погоден од американските санкции и тоа е невозможно да се компензира“, релче Норберт Ретген за интернет изданието на списанието Der Spiegel.

Само неколку часа откако претседателот Доналд Трам го објави излегувањето на САД од договорот и неколку часа откако ги прими агреманите во Берлин, новиот американски амбасадор во Германија, Ричард Гренел им порача на германските компании дека ќе мора да го напуштат Иран каде што вложија големи напор да се вратат на тамошниот пазар. Подоцна Гренел се обиде да ја ублажи оваа изјава, но не беше убедлив.