Мумбај: 92 лица починаа од домашна отровна ракија

Уште осум лица починаа ноќеска од труење со алкохол во Мумбај, на западот на Индија, со што билансот на умрени од конзумацијата на илегалниот пијалак се искачи на 92 лица, соопшти индиската полиција.

Повеќе од 20 лица се хоспитализирани поради труење, а меѓу нив 19 се во критична состојба.

Пет лица се уапсени поради продавање или дистрибуција на алкохолниот пијалок во сиромашниот дел на градот.

Масовните труења со илегални пијалоци се чести во Индија, каде сиромашните не можат да си дозволат да купуваат пијалаци во продавници.

Најмалку 170 лица починале од таков пијалак во 2011 година во индиската држава Бенгал.