Музиката компонирана во Аушвиц ќе биде претставена сeдмицава 

Музиката којашто ја компонирале затворениците во германскиот нацистички логор Аушвиц за време на холокаустот конечно ќе ја види светлината на денот оваа седмица.

Ќе бидат претставени четири од повеќе од 200 дела откриени од диригентот и композитор Лео Гејер за време на посетата на тој концентрационен логор во 2015 година. Гејер го посетил поранешниот нацистички концентрационен логор откако добил налог да состави музичка партитура во спомен на Мартин Гилберт, британскиот историчар и експерт за холокаустот кој почина во февруари годинава.

Гејер, кој не е Евреин, отпатувал во Полска за да добие „чувство за тежината“ на работата на Гилберт. Додека бил таму, се сретнал со архивар во Меморијалниот центар и музеј Аушвиц-Биркенау, кој спомнал дека во логорот имале остатоци од музички записи свирени од оркестри.

„Знаев дека има оркестри во Аушвиц и за тоа разговаравме затоа што како музичар ме интересираше тоа. Дури тогаш ги спомна ракописите во архивата. За малку ќе колабирав кога првпат ми кажа – не можев да верувам дека такво нешто помина речиси незабележано речиси 80 години“, рече Гејер во телефонското интервју за CNN минатиот четврток.

Гејер, кој докторира по музика и композиција на Универзитетот Оксфорд, нагласи дека она што е зачувано во Аушвиц е „како скршена сложувалка“. Но, тој е решен да ги состави овие дела и да ги оживее.

Четирите нумери кои ќе бидат претставени седмицава ќе бидат дел од јубилејниот концерт по повод десетгодишнина на „Constella Music“.