Наодите на ГРЕКО ќе бидат земени предвид во годишниот извештај на ЕК

Кристоф Шпекбахер, виши правен советник во ГРЕКО, за МИА порачува дека заклучоците од извештајот на Групата за борбата против корупцијата ќе бидат земени предвид во следниот извештај на Европската Комисија за напредокот во Македонија, и дека следниот рок за државата за исполнување на препораките е 30 јуни 2019.

– До денеска се имплементирани само шест препораки, што значи дека тринаесет сѐ уште не се. Јасно е дека ова е глобално незадоволувачки. Следниот рок за земјата да го извести ГРЕКО за напредокот е 30 јуни 2019. Тоа е помалку од 12 месеци од сега и времето бргу ќе мине, вели Шпекбахер за МИА.

Највисокиот приоритет, не само за Владата, бидејќи некои од овие реформи треба да бидат направени од самиот Парламент, е да го забрза чекорот на реформите.

Она што и недостасува на Македонија, вели тој, е „промена на однесувањето“.

– Потребна е промена на однесувањето кон законодавството. „Поранешната југословенска Република Македонија“ добива многу помош и поддршка од европските партнерски земји и европските и меѓународните организации и веќе ја покажала својата способност да етаблира добра законска рамка. Меѓутоа,  законите, регулативите и правилата за однесување ќе останат само лист хартија без ефективна имплементација. Како што ГРЕКО укажа многу останува да се направи за да се едуцираат пратениците, судиите и обвинителите за интегритет и конфликти на интереси, да се обезбеди подобра имплементација на законската рамка и да се подобри јавниот имиџ на оваа категорија функционери, и со тоа довербата на граѓаните во законодавната власт и судството, вели советникот за МИА.

Шпекбахер потсетува дека наодите на ГРЕКО ќе бидат земени предвид од страна на Европската Комисија во годишниот извештај за напредокот на земјата идната година, како што тоа веќе било случај во 2018 година.

Запрашан зошто е толку „разочарувачки“ напредокот во Македонија во борбата против корупција, советникот вели дека тоа “делумно“ се должи на долгата политичка криза во земјата, и потсетува дека Владата не е „единствено“ одговорна.

– Треба да се укаже дека препораките инволвираат бројни актери одговорни за имплементацијата на реформите, вклучително и Собранието, самостојните судски тела, Јавниот обвинител, и сето ова бара висок степен на координација, објаснува тој.

Извештајот го покрива периодот од декември 2016 до јуни 2018, објаснува Шпекбахер.

Според анкетите на јавното мислење, корупцијата, заедно со невработеноста и сиромаштијата, се најголемите проблеми со кои се соочува Македонија, вели тој.

-Многу пост-комунистички земји се соочуваат со сличен феномен. Ова не е изолиран случај кога станува збор за имплементацијата на препораките на ГРЕКО. Како и во повеќето европски земји, како што покажува Евробарометарот на Европската Комисија, Парламентот и политичките партии се на врвот на институциите со најнизок степен на доверба.

-Меѓутоа, за разлика од многу европски држави каде судството има висок степен на доверба, македонското судство има слично ниска стапка на доверба како и Парламентот и ова е доста проблематично од аспект на владеењето на правото, вели советникот за МИА.

Извештајот на ГРЕКО за напредок во борбата против корупцијата во Македонија, беше објавен минатата недела и во него беше посочено дека само шест од деветнаесет препораки се имплементирани.

(МИА)