Настани кои можат да се посетат летово

Иако е лето, случувања има. За сечиј вкус и по сечија мерка. И за љубителите на класичната музика, но и за оние кои сакаат да се развеселат на турбо-фолк звуци. За вкусовите не се дискутира. Еве што може да се посети летово:

Дерик Меј и Македонска филхармонија

Традиционално, на 2 август во рамките на Охридско лето секогаш имало интересни музички случувања. Антички театар на овој ден, речиси секоја година звучи светски. Годинава ќе биде изведен музичко-сценски настан  „Музика универзалис“, на кој  диџејот Дерик Меј, еден од пионерите на детроитската техно-сцена, ќе настапи заедно со Македонската филхармонија.Концертот ќе биде спој на електронска и класична музика на симфонискиот оркестар, проследена со светлосни ефекти, видео и аудио поддршка и специфични костими.Интересен спој кој сигурно ќе биде леплив за уво.

Концерт на хрватскиот пијанист Максим Мрвица

Еден од најпознатите хрватски пијанисти е атракција за гледање и слушање. Максим Мрвица на своите албуми ја спојува класичната со поп/рок музиката. Добитник на бројни награди, настапува и ги полни сите позначајни светски музички сали. Во неговата биографија не изостанува ниту соработката со значајни музички имиња. Енергичен на сцена, атрактивен за гледање и милозвучив за слушање на Охридско лето ќе настапи на 26 јули во Антички театар.

Топол културен бран

Околу 160 настани ќе бидат опфатени во рамките на манифестацијата Топол културен бран која ќе се одвива речиси во сите општини низ државата. Настаните ќе се случуваат од 20 до 31 јули и 20 до 31 август. Не ги пропуштајте концертите на Монистра, Љубојна, Чалгија Саунд систем.

Диџеите Сак Ноел и Сенди Ривера на 2-ри август во Охрид

Шпанскиот продуцент и диџеј Сак Ноел и диџејот Сенди Ривера од Њујорк ќе бидат дел од  првото издание на големата забава „White explosion“, што ќе се одржува во Охрид на 2-ри Август 2014 година.Дрес кодот за овој настан е бела гардероба. Освен интернационалните диџеј ѕвезди, на забавата ќе настапат и македонски диџеи.

Фестивалот „Love & Happiness”

На овогодинешното издание на фестивалот „Love & Happiness”, покрај веќе најавените Judge Jules и Space Tribe, ќе настапат и осум Македонски диџеи. Својот настап го потврдија диџејите: Никифор, Боби, Бабура, Бранчез и Даре, предвидени за главната сцена (Градиште плажа 2) и диџејите: Yudhisthira, Sound Killah и Dejan Doggy, предвидени за транс сцената (Градиште плажа 3).За разладување на жешката атмосфера е најавена и најголема пена парти досега во Македонија.Фестивалот е предвиден за 26 јули на плажата Градиште во Охрид, со почеток во 22 часот.

Концерт на Цеца на Билјанини извори

За љубителите на турбо-фолк музиката, Цеца Ражњатовиќ доаѓа во Охрид, на стадионот Билјанини извори на 1 август. Почетокот на концертот е закажан за 21.30 часот.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.