НетПрес Анализа: Со Мијалков како класичен партиски играч СДСМ ќе доживее политички потоп

Освен што оставката на Сашо Мијалков од позицијата директор на Управата за Безбедност и Контраразунување е доживеана како висок државнички и патриотски чин во интерес на Македонија, јавноста плетејќи ги своите теории околу идното функционирање на истакнатиот член на ВМРО-ДПМНЕ ја фаворизира тезата дека извесниот иден активен ангажман на Мијалков во партиските структури ќе донесе дополнителна предност за партијата на Никола Груевски.

– Во СДСМ треба да се многу загрижени, и мислам дека се многу загрижени, вели поранешен истакнат член на опозицијата за Нетпрес.

Сашо Мијалков ужива огромен углед во ВМРО-вското членство. Синот на ВМРО-вската икона Јордан Мијалков, жестокиот борец и првиот министер за внатрешни работи на независна Македонија, кој загина во неразјаснети и сомнителни околности, е личност која поседува неверојатни организаторски способности „на терен“.

Тој претставува еден од врвните авторитети во партијата. Членството го сака и со гордост ги прераскажува неговите успеси како директор на УБК. Врвен мотиватор е, и беспрекорно лојален на Груевски, а тоа е најбитно за да се вади членството на терен и не само да се вади, туку и да се активира во разни акции се разбира од демократски карактер, вели извор од ВМРО-ДПМНЕ, и во суштина само ја потврдува перцепцијата која владее во целата јавност за Мијалков.

– Позицијата што ми беше доверена ја извршував патриотски и одговорно, пред се во интерес на земјата и граѓаните, и секогаш смело и одлучно пристапував кон секоја задача, пишува Мијалков во оставката до премиерот Груевски.

Токму овој став треба да биде најголемиот кошмар на СДСМ, кој по насилствата кои ги практикува по скопските улици неколку недели, веќе интензивно спрема крвави и пеколни сценарија за 17 мај. Сега со Мијалков како предводник на вмровската контратежа на терен, Заев, Зечевиќ и Рахиќ добиваат капитална фигура од спротивната страна за која знаат дека е мотивациски, организаторски и интелектуално супериорна над нив, и знаат дека секој нивен потфат за загрозување на безбедноста ќе наиде на жесток одговор и „контраофанзива“.

Мијалков претставува и своевиден мит во скопската и македонската јавност. Посакувано друштво за секого и личност за која секој граѓанин зборува со голем респект, и оние малкумина кои не го поддржуваат затоа што во него гледаат се што тие не се, а сакале да бидат, и огромното мнозинство народ кои го сакаат, прераскажуваат урбани легенди за него и за кои претставува модел на човек на кој секогаш може да се потпрат, и во добро и во зло.

Сега растоварен од одговорноста која ја имаше со државната функција Мијалков ќе има многу поширок маневарски простор, вели нашиот соговорник и додава „ако до сега перјаниците на СДСМ се плашеа од неговата сенка, може да замислите колку страв има во нив сега од ликот на Мијалков“.

Вчера, повеќе од 70.000 илјади граѓани, од кои над 95 отсто членови, активисти и поддржувачи на ВМРО, организирани за помалку од 15 часа, ги преплавија и маршираа по улиците во 23 града низ Македонија со мотото за поддршка на безбедносните сили. За упатените е јасно дека покрај искрениот мотив и порив да се искаже благодарност до полицајците, кои беа предмет на исмевање и навреди од страна на СДСМ, ова беше и мини показна вежба на Груевски за мобилноста на своите комитети и демонстрација на моќ пред инспираторите на сценариото кое го одработува Заев.

Со Сашо Мијалков како организатор на некоја следна теренска активност на партијата сигурно е да се очекува дека овој број ќе се зголеми најмалку за две третини. Комитетите на ВМРО, во склоп со индивидуалната мрежа на пријатели и подржувачи на Мијалков, која ја има стекнато на пријателски основи и како резултат на помош на граѓаните кои никогаш не наишле на затворена врата кај него како партиски и државен функционер, гарантира дека Груевски во секој момент може да смета на повеќе од 100.000 лица, кои се подготвени жестоко да ги бранат националните и државни интереси.

Јавноста ја акцентира неговата порака со почит која е наменета до припадниците на безбедносните сили, од која се гледа професионализмот човечноста на Мијалков, кој и во својата оставка не пропушта во значаен дел да ја истакне значајноста на припадниците на безбедносните сили со кои спроведе многу успешни акции.

– Со пиетет им благодарам на сите припадници на безбедносните сили на Република Македонија, со кои работев сиот овој изминат период и до сите други институции за целиот нивен ангажман, посветеност, храброст и сила. Тие се нашата главна поткрепа, тие се нашата гордост и Македонија може да смета на нив, пишува Мијалков.

Следуваат тешки времиња за Заев и СДСМ. Со Сашо Мијалков како истурен партиски играч засекогаш ја изгубија посакуваната можност да остварат предност на терен, која инаку ја немаат веќе 12 години. Иницијативата сега е кај Груевски и Мијалков, а тие се мајстори за победа во натпревар.

– Секогаш ќе бидам тука за Македонија и за нашиот народ. Познавајќи ја мудроста на нашиот народ, убеден сум и знам дека вистината ќе победи, предизвиците ќе бидат надминати, а Македонија и понатаму ќе продолжи да чекори напред со тимот кој никогаш не го изневерил народот. Секогаш ќе бидам во првите борбени редови кога тоа ќе биде потребно за татковината, го завршува своето писмо Мијалков.

Груевски од Прилеп порача дека ВМРО во оваа валкана игра, која ја наметна Заев со своето мрачно сценарио ќе победи со нокаут и тоа во стилот на Касиус Клеј. Сега е јасно дека со последниот политички потег Груевски го спрема својот аперкат, кој фигуративно само што не удрил во носот на Заев.

Во јавноста почнува да се шушка за голема активност на ВМРО-ДПМНЕ следната недела, по митингот на Заев на 17 мај.