Невладини организации бараат прекин на увозот на месо од кенгур во Белгија

Најголемата платформа за заштита на животните во Белгија, Гаја, предупредува дека земјата е најголем увозник на месо од кенгур и бара да се спречи оваа пракса.

  • Месото од кенгур во Белгија се продава како „дивеч“, при што само во 2016 година увозот на ова месо достигнало 632 тони, што претставува 180 илјади животни, алармираат од Гаја.

Организацијата денеска започнува информативна кампања преку која бара да се стави крај на овој увоз и да се повлече месото од кенгур од сите супермаркети и продавници, како што е пред неколку години спречен увозот на месото од фока.

Според организацијата, истите аргументи важат за кенгурите, бидејќи тие се ловат на „исклучително суров начин“. Имено, објаснува Гаја, во Австралија кенгурот се смета за штетно животно, меѓу другото поради тоа што им нанесува штета на земјоделските фарми.

Ловот на кенгури во Австралија се одвива преку ноќ и се користи многу силно светло за да се заслепи и парализира животното.

  • Меѓу 2000 и 2009 година, 800.000 многу млади кенгури, кои се се’ уште во џебот на мајката и 300.000 малку повозрасни се или масакрирани или оставени да умрат во рамките на трговскиот лов, алармира невладината организација.

Веќе неколку супермаркети во Белгија се заложија дека нема повеќе да продаваат месо од кенгур, но тоа се’ уште може да се најде во одреден број големи продавници како „Карфур“, „Шпар“ или „Кора“.

„Лидл“ и „Алди“ целосно ги повлекоа овие производи.

Гаја исто така предупредува дека поради ризикот ова месо да содржи опасни бактерии како ешерихија коли или салмонела, трговците го чистат со млечна киселина, што е забрането во Европската Унија.

Европските власти за безбедност на храната моментално ја истражуваат употребата на млечна киселина во месото од кенгур, откако се пронајдени траги од оваа супстанца во повеќе бифтеци од кенгур.

Извор: МИА