Нова индустриска зона, автубуска станица, туристичка викенд населба – дел од проектите кои ги ветува Миле Петков за Виница

Ја барам поддршката од сите вас, граѓани на општина Виница, што сакате да делуваме различно од досега. Ве повикувам заеднички да започнеме да ги менуваме работите. Со моето долгогодишно професионално искуство се чувствувам подготвен за една од најодговорните работни задачи, да се ставам во функција на служење на вас, граѓаните, рече денеска кандидатот за градоначалник на Виница од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Петков.

Ви ја пренесуваме во целост неговата прес-конференција:

Изминативе четири години сведоци сме на континуирано пропаѓање на нашата општина во сите сегменти на живеењето. Виница го изгуби сјајот и не го искористи потенцијалот да биде место во кое граѓаните ќе сакаат да останат да живеат, наместо да се иселуваат. Ја барам вашата поддршка заеднички да се избориме овој тренд да престане и да креираме општина која ќе биде пример за локален економски развој.

Наспроти големите ветувања и проекти за подобар живот кои им беа ветени пред четири години и од кои не видовме речиси никаква реализација, граѓаните на општина Виница од оваа локална власт добија само големи разочарувања.

Во соработка со вас граѓаните, користејќи ги вашите идеи и сугестии изготвивме програма со конкретни проекти во кои секој од вас може да се пронајде. Ние презентираме програма со приоритети и точно утврдени рокови. Од вас бараме поддршка и доверба за да ја реализираме нашата програма.

Заедно со мојот тим работевме на реално остварливи проекти и имаме јасна визија за тоа што сакаме да постигнеме во нашиот мандат. Нашите проекции се базираат на знаење и експертиза, на желба и реална основа.

Како градоначалник во наредните четири години ќе работам неуморно, за Виница да биде убаво и посакувано место за живеење, општина на среќни и задоволни граѓани, општина без корупција, економски моќна, уредена и чиста, вистински сервис на граѓаните, општина со која сите ние ќе се гордееме.

Решавањето на инфрастуктурните проблеми на граѓаните ќе биде мој приоритет.

Ќе ги  донесеме сите урбанистички планови за градот и населените места  што е основа за идниот развој на општината.

Ќе изградиме водоводна и канализациона мрежа онаму каде што сеуште нема.

Ќе ја подобриме сообраќајната инфраструктура во градот и населените места.

Ќе ја подигнеме хигиената во градот на повисоко ниво.

Ќе инвестираме во културата, спортот и образованието.

Ќе створиме поволни услови за домашните и странските инвеститори да инвестираат во нашата општина.

Во нашата програма предвидуваме:

  • Изградба на нова индустриска зона за мало стопанство.
  • Изградба на нова автобуска станица во Виница.
  • Изградба на булевар на влезот во Виница.
  • Оформување на нова зона за семејни куќи по почетна цена од 1 евро/м2.
  • Поврзување на градската канализација и канализацијата во селата Истибања, Јакимово, Градец и Лески на пречистителна станица за отпадни води.
  • Изградба на туристичка и викенд населба на планината Плачковица.
  • Конечна реализација на проектот затворен градски пазар.
  • Уредување на речните корита на Виничка и Градечка река.
  • Промоција на проектот за изградба на Спа комплекс во место викано Топлички рид во близина на с.Истибања.
  • Набавка на современо противпожарно возило и опрема за ТППЕ Виница.
  • И голем број на други проекти кои се составен дел на нашата програма.

Време е Виница да одбере реални проекти наместо празни ветувања, способни и исполнителни личности наместо оние кои ги ставаат личните интереси пред вашите. Јас и мојот тим се обврзуваме дека нема да потпаднеме под било какви притисоци и нема да се откажеме од нашата визија за подобра и просперитетна Виница.

Заедно со вас ќе створиме подобри услови за работа и живот на сите затоа што Општина Виница е за сите луѓе.