Нови возови и пруги и нови евтини авио летови

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска промовираше дел од економски мерки кои се обврза дека ќе реализира доколку ја освојат власта на претстојните парламентарни избори

„Се обврзуваме на обнова која ќе значи купување на 5 нови возови, за подобри услови во железничкиот сообраќај и сериозна модернизација на возниот парк.

Се обврзуваме на обнова која ќе значи изградба на пруга Битола до Грција и пруга за Бугарија која многупати во минатото беше ветувана, но конечно денеска можеме да ветиме дека тоа во мандатот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја завршиме.

Се обврзуваме на обнова која ќе обезбеди нови евтини авио летови до главнит европски аеродроми и поврзување со европските центри. Воедно ќе работиме и за обезбедување на за прв пат прекуокеански летови до САД за поевтина и полесна комуникација.

Се обврзуваме на обнова која ќе значи целосна дигитализација на Катастарот за нулта корупција. Ова ќе значи поедноставени процедури за граѓаните и борба против митото и корупцијата за добивање на услуги кои им следуваат на самите граѓани.

Имаме мноштво на мерки, и ова се само дел од мерките од нашата програма кон која се обврзувам и обновата за која ќе се избориме. Ова се мерки и обнова која ќе донесе градежен и инфраструктурен бум.
Инвестициите во инфраструктурата се инвестиции во иднината и економскиот развој, наш двигател на над триесетина стопански дејности кои директно или индиректно се поврзани со градежништвото, транспортот и инфрасктруктурата.

Само со овие мерки ќе се обезбеди раст на градежништвото од просечни 30-тина проценти во време на нашиот мандат што значи 30-тина проценти повеќе плати, повеќе работа, повеќе развој на економијата, повеќе за секого.

Внимателно се обмислени, и нема да ветам нешто што нема да го исполниме. И затоа внимавам што ветуваме, со чесност и честитост, со работа и многу работа, со принципи и вредности ќе стигнеме до резултатите кои ги ветуваме и на кои што се обврзуваме.

Инвестициите во инфраструктурата ќе значат обнова која заедно ја планираме со стопанските комори, експертите и тимот на стратешки соработници. Голем дел од проектите се и барање на самите граѓани. Ова е обнова во инфраструктурата која ќе значи повеќе автопатишта, повеќе експресни и нови регионални патишта, повеќе во железничкиот сообраќај, повеќе евтини авио летови, повеќе во комуналната инфраструктура, повеќе за секого. Обновата доаѓа, победата е пред прагот и за тоа ќе се избориме заеднички и силно“, посочи Мицкоски.