Одбрана демантира: Tортите се за армијата

По објавената вест за набавка на торти и слатки во вредност од неверојатни 3 милиони 700 илјади денари или околу 60 000 евра реагира Министерстворо за одбрана.

-Со објавените лаги на вашиот медиум како да сакате да продолжи праксата на маргинализирање на АРМ и занемарување на потребите на нашите војници и офицери. Имено, јавната набавка за која известувате е токму за потребите на припадниците на АРМ. Тоа може да се види и од самиот оглас за јавна набавка каде што е наведено дека бараните продукти ќе се користат во касарните низ целата земја и тоа во Скопје (Петровец и Гоце Делчев), Велес, Криволак, Штип, Куманово, Кичево, Тетово и Прилеп – стои во демантот.

Според нив овие јавни набавки се спроведуваат согласно годишниот план за јавни набавки за 2018 година. Велат дека Генералштабот на АРМ ја планира потребата за набавка согласно Правилникот за исхрана на припадниците на АРМ и Плановите и рецептури за исхрана на припадните на АРМ. Во Плановите и рецептурите за исхрана на припадниците на АРМ се наведени тулумби, баклави, овошни и чоколадни ролати, мока десерти и други видови торти и колачи.

-Според тоа, објавените написи освен што се тенденциозни се и целосно лажни тврдења. Вистината е дека со одлука на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по цели шест години во Министерството за одбрана повторно се исплаќа дневница за дежурство на сите лица кои вршат служба континуирано, односно дваесет и четири часовно дежурство во Армијата. Таков надомест не се исплаќал од 2012 година иако имало законска обврска за тоа. Вистината е и дека од јануари 2018 година на припадниците на АРМ им се зголемени платите за 10 проценти. Во тек се процедури и за набавка на нови униформи, чизми и друг вид војнички обувки, кои со години наназад не биле обновувани. Вистината е и дека министерката Шекеринска донесе одлука за исплата на јубилејна награда во висина од една просечна плата, за 1.800 вработени во Министерството и во АРМ кои работат непрекинато 15 години. Истата не била исплатувана со години иако била предвидена во Колективен договор. Сега таа исплата е извршена и за оние години кога Колективниот договор бил кршен. Неодговорно е да се шират лаги за институција која е во служба на сите граѓани. Од партнерските земји добиваме позитивни оценки за нашата работа на тој план, а добиената покана за членство во НАТО е аргумент повеќе дека се постигнати резултати и дека истите се препознаени на воено и политичко ниво – стои во демантот.