Општини и компании купувале струја со регулирана цена наместо да ја купат на слободен пазар

Годинава е направен непотребен увоз на електрична енергија од 30 милиони евра која е платена од компании и општини како субвенционирана од државата, наместо тие да ја купуваат на слободниот пазар каде што е поскапа, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски во разговор за Слободен печат.

Тој рече дека овие компании и општини формирале посебни претпријатија за снабдување со струја кои немаат лиценца да купуваат струја на слободен пазар и користеле струја наменета за домаќинствата која е по регулирана цена, наместо да потпишат договори со ЕВН хоме која за нив ја увезуваше од слободен пазар.

-Одредени компании на слободниот пазар кои што задолжително требаше да бидат таму, формираа нови компании со кои потпишуваа фиктивни договори и овие нови компании не го исполнуваа критериумот да бидат на слободниот пазар. Тој тренд го имавме во јануари, февруари, март и април. ЕВН Хоме како универзален снабдувач обезбедува дополнителни количини електрична енергија од слободниот пазар – рече Бислимоски.

Според него, овој тренд продолжил и овој месец кај одредени општини, кои потпишуваат фиктивни договори за јавно осветлување со нивни јавни претпријатија кои немаат обврска да одат на слободниот пазар.

– Како резултат на тоа се прави сериозен притисок врз цената на електрична енергија – вели Бислимоски.

Тој увоз, според Бислимоски, ќе падне на товар на државата, односно на граѓаните преку плаќање на сметките за електрична енергија.

– Непотребно до сега се потрошени 30 милиони евра за увоз на електрична енергија за овие компании и општини да плаќаат струја по цена од регулираниот, наместо по цена на слободниот пазар. На крајот на денот ниската цена што ја обезбедува ЕСМ е за домаќинствата. Тој увоз од 30 милиони евра ќе падне на нивниот грб – рече Бислимоски.