„Осуден(а)“ – форум театар против родово базираното насилство

Насилството врз жените и девојчињата останува најчест пример на прекршување на човековите права. На глобално ниво, а и кај нас, податоците се поразителни – секоја трета жена е жртва на некаков вид родово базирано насилство.

Преку емотивната форум театарска претстава „Осуден(а)“, која се одржа во Битола и во Скопје, беше прикажана суровата реалност со која се соочуваат жените и девојчињата жртви на насилство.

Оваа иницијатива ја спроведе Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во рамки на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“. Користејќи ја сцената за да се поттикне критички разговор меѓу присутните во публиката, настанот особено го привлече вниманието на младите.

Претставата „Осуден(а)“ се одвива во два чина и прикажува ситуации кои го одразуваат секојдневието на многу жени и девојки во нашето општество. Првиот чин ја следи приказната на млада девојка која е жртва на сајбер насилство и закани откако испраќа приватни фотографии на момче кое го запознала на интернет. Во вакви ситуации, наместо да наидат на поддршка, девојките се соочуваат со дополнителни обвинувања од јавноста, но и од најблиските. Со ова, покрај на насилството како примарен проблем, се стави фокус и на културата на создавање двојна виктимизација на жртвата што често го засенува вистинскиот проблем – одговорноста на сторителот за сторените кривични постапки.

Во вториот чин се прикажува приказната на жена заробена во кругот на семејното насилство, која залудно бара помош од институциите. Службениците го релативизираат нејзиниот проблем и не постапуваат по нејзините пријави што завршува со фемицид. Според последните информации, во изминатите четири години, во Република Северна Македонија се регистирани 19 случаи на фемицид, во кои жртвите настрадале од поранешни или сегашни партнери или сопружници, а убиствата најчесто се случиле во нивните домови.

Низ овие претстави инспирирани од вистински приказни ја чувствуваме суровата реалност за многумина, но ги гледаме и системските неуспеси и општествените ставови кои придонесуваат кон зголемување на бројот на жртви на родово базираното насилство.

Двата чина на претставата иницираа отворена дискусија меѓу присутните, во која се вклучија и голем број млади луѓе, кои покажаа свесност за овој проблем.
„Шокантно е да се види колку брзо ја обвинуваме жртвата без да го препознаеме вистинскиот проблем. Треба да го смениме нашиот начин на размислување и да застанеме против таквите неправди“, рече една млада девојка од публиката.
Друг учесник додаде: „Не станува збор само за подигање на свеста, туку и за тоа што можеме да направиме како поединци и заедници за да ги поддржиме жртвите и да ги повикаме сторителите на одговорност“.

Вклучувајќи ги граѓаните во развивање критични дискусии и користејќи ја уметноста како средство за општествена промена, УНДП уште еднаш ги покажа своите заложби за родова еднаквост, борба против насилството и создавање општество во кое сите ќе имаа еднаков пристап до институционална заштита и гарантирање на човековите права.
Настанот заврши со јасна порака: „Борбата против родово базираното насилство бара дејство од сите нас како поединци, заедници и институции. Ова значи повик да бидеме солидарни со жртвите и да работиме кон иднина во која ваквото насилство ќе биде дел од минатото“.

Оваа претставата e реализирана во рамки на проектот „Борба против сексуалното и родово-базирано насилство“, со финансиска поддршка на Министерството за надворешни работи на Република Кореја. Видеото е подготвено во рамките на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, кој го имплементира УНДП во соработка со Фондот за население на Обединетите нации, УНЕСКО и UN Women, со финансиска поддршка на Фондот за мир на Обединетите нации.