Отровни стрели меѓу Безос и Маск поради сателитите

Компаниите „SpaceX“ и „Amazon“, кои ги водат двајцата најбогати луѓе на планетата, Илон Рив Маск и Џеф Безос, си префрлуваат околу ривалските проекти за сателитски интернет, меѓусебно обвинувајќи се за „гушење на конкуренцијата“, пренесуваат во средата медиумите.

Илон Маск, основачот и сопственик на „SpaceX“, чиешто богатство се проценува на 209 милијарди американски долари, минатата година го симна од врвот на најбогатите луѓе Џеф Безос, извршниот директор и сопственик на „Amazon“, чијашто „нето вредност“ се проценува на 192 милијарди долари.

Меѓутоа, за споредба, и вака „осиромашениот“ Безос во минатата 2020 година имал поголем бруто домашен производ (БДП) од повеќе од половината земји во светот, според податотиците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ – IMF).

За Маск и Безос и инаку е познато дека не се баш во најдобри односи. А најновата отровна стрела меѓу нив во вторникот ја испрати Безос со соопштенеито дека „SpaceX“, компанијата на Маск, при развојот на проектот „Starlink“ извршила промени кои можело да резултираат со „создавање поопасна околина за судири во космосот“, како и дека воведените промени, исто така, би можеле да ги зголемат радиските пречки.

Сателитите во ниската орбита на Земјата (LEO) за широкопојасен пристап до интернетот покажуваат знаци за голем потенцијал. Овие потфати во ниската земска орбита може потенцијално драматично да го прошират пазарот на широкопојасниот интернет и да им заштедат на потрошувачите десетици милијарди долари, оценуваат стручњаците.

„Очигледно е во интерес на Space-X задушувањето на конкуренцијата уште во самиот зачеток, но тоа сигурно не е во полза на јавноста“, порача Безос.

Маск не се двоумеше да возврати и да го „боцне“ Безос на сметка на бавноста на неговата компанија во одговорот на технолошкиот предизвик од ривалот.

„Не е во интерес на јавноста Starlink да биде закочуван поради сателитскиот систем на Amazon, којшто, во најдобар случај, со години е оддалечен од реализацијата“, објави Маск на Twitter.

Проектот „Starlink“ претставува своевидно големо соѕвездие од сателити, а „SpaceX“ веќе лансираше повеќе од 900 такви космички уреди. Компанијата на Маск има дозвола од американските сојузни власти за лансирање на илјадници сателити, но сега од Сојузната комисија за комуникации (FCC) настојува да издејствува дозвола неколку илјади сателити да ги постави во ниската орбита на Земјата.

Компанијата „Amazon“ веќе обезбеди дозвола од FCC за поставување сателити во орбитата на околу 590 километри од површината на Земјата. Меѓутоа, компанијата на Безос досега не лансираше ниту еден сателит.

Доколку FCC ги одобри измените во постојната дозвола, „SpaceX“ во орбитата би можел да постави речиси 3.000 сателити. Тие би орбитрирале на височина од 540 до 570 километри од површината на Земјата, и како што се жалат од „Amazon“, би предизвикале попречување на сигналот за нивните сателити од нивниот проект „Kuiper“. Покрај тоа, како што истакнуваат од „Amazon“ во дописот до FCC, постои опасност од судари на сателитите од флотилата на „Starlink“ со сателитите од „Kuiper“

Директорот на прогамата за сателити во „SpaceX“, Дејвид Голдман, ги отфрли забелешките наведени во писмото на „Amazon“ до FCC и истакна дека нивниот конкурент ги „игнорира повеќето модификации“ кои ги предложи компанијата на Маск, како и дека Безос во своите обвинувања го избира само она што му одговара, а другото го премолчува. Голдман, исто така, истакнува дека тврдењата на „Amazon“ „наведуваат на погрешен заклучок“, како и дека единствена цел им е да ја „оневозможи“ конкуренцијата.

Според некои процени, околу земјата во моментов кружат околу 6.000 сателити, а до 2028 година оваа бројка би можело да се зголеми на 15.000. Вселенскиот отпад, кој го прават всушност повеќето од овие сателити, патува со неверојатна брзина повеќе од 22.300 километри на час, па може да нанесе значителна штета на кое и да е тело во коешто ќе удри, предупредуваат стручњаците. Во врска со овој проблем од „SpaceX“ смируваат дека нивните сателити се направени така за неколку години сами да согорат во атмосферата.