Отсуствата на прaтениците пред Собраниска Комисија

Извештајот за редовност на пратениците на седниците на Собранието на Република Македонија во периодот од 10 мај до 10 ноември 2014 година денеска ќе биде рагледан во рамки на седницата на Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Комисијата ќе заседава согласно членот 59 од Деловникот на Собранието и согласно членот 65 од Уставот на Република Македонија.

Доколку биде усвоена предлог-одлука на денешната седница на Комисијата, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски треба да ја стави на дневен ред на првата наредна седница.

Пред две недели на координативната средба во Собранието, генералниот секретар Жарко Денковски го достави извештајот за отсуствата на пратениците, по што Комисијата за мандатно-имунитетни прашања беше задолжена да предложи заклучок.

Во работата на Собранието не учествуваат 31 пратеник од опозицијата.

Покрај оваа Комисија денеска седници ќе одржат и комисиите за финансирање и буџет, за транспорт, врски и екологија, како и Законодавно-правната комисија.

Комисијата за финансирање и буџет ќе расправа за Предлог-законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската Банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце – Крива Паланка – источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII, фаза 2“, по скратена постапка, Предлог – законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Програмата за национални патишта, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Јавното претпријатие за државни патишта, по скратена постапка и Предлог-закон за изменување на Законот за задолжителни нафтени резерви, по скратена постапка, сите во второ читање.

Членовите на Комисијата за транспорт, врски и екологија  ќе го разгледуваат Предлог – законот за изменување на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија, по скратена постапка.