Пабло Неруда не починал од рак

Група од шеснаесет меѓународни експерти кои ги ангажираше чилеанското правосудство, заклучила во петокот дека добитникот на Нобеловата награда за книжевност Пабло Неруда, кој почина набрзо по државниот удар во 1973 година изведен од генералот Августо Пиноче, не умрел од рак како што пишува во неговиот посмртен наод.

„Сигурно е, категорично сигурно стопроцентно, дека посмртницата не ја одразува стварната состојба“, изјави на прес-конференцијата лекарот Аурелио Луна во името на експертите задолжени да утврдат дали славниот чилеански поет ги усмртила диктатурата на Августо Пиноче.

Експертите од Канада, Данска, САД, Шпанија и Чиле, сепак, не успеале да ја одредат вистиснакта причина за смртта на Пабло Неруда. Откриле нова неканцерогена бактерија. Таа била проучувана во лабораториите во Канада и во Данска, што би требало да овозможи подобро разбирање на причината за смртта на поетот, појасни Луна.

Семејството и блиските соработници на Пабло Неруда се сомневаат во труење во времето на диктатурата во Чиле, која траеше во периодот од 1973 до 1990 година.

Посмртните останки на Неруда, починат во клиника во чилеанската престолнина Сантјаго во 1973 година, неколку дена по државниот преврат против социјалистичкиот претседател Салвадор Аљенде, со кој поетот беше близок, последните години беа предмет на многу ескпертизи. Тие беа ексхумирани во 2013 година, а конечно вратени во татковината во април 2016 година, но мистеријата не е откриена. Според посмртницата којашто ја издала владејачката воена хунта, поетот починал на 69-годишна возраст од рак на простатата.

Останките на чилеанскиот поет Пабло Неруда, кој во 1971 година ја доби Нобеловата награда за литература, а следната година и Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, на 26-ти април 2016 година беа погребано во Чиле, по четврти и најверојатно последен пат.

Погребот се одржа во местото Исла Негра, три години откако останките на еден од најпознатите латинонамерикански поети беа ексхумирани за да се утврди причината за неговата смрт.

Се претпоставува дека Пабло Неруда, еден од најголемите светски поети на љубовна поезија кој исто така беше познат по своите цврсти комунистички ставови, починал од рак на простатата, само неколку дена по воениот удар од 11-ти септември 1973 година, кога од власт беше соборен чилеанскиот социјалистички претседател Салвадор Аљенде и воспоставена бруталната диктатура на генералот Аугусто Пиноче. Според некои процени, во текот на 17-те години од диктатурата биле убиени околу три илјади луѓе.

Неруда, како комунист бил пријател на Аљенде, а по државниот удар имал намера да замине во егзил во Мексико. Како официјална причина за смртта е наведена рак на простатата, но неговиот здравствен картон исчезнал, а постоеја сомневања дека бил жртва на режимот на Пиноче. Теоријата дека Неруда бил отруен неколку дена пред планираното заминување во Мексико најмногу ја заговара неговиот личен возач и секретар Мануел Араја.

Поранешниот личен возач на поетот изјавува со години дека агентите на Пиноче ја искористиле болеста на Неруда за со инјекција да му инјектираат во организмот отров додека лежел во болницата во главниот град Сантјаго.

Посмртните останки на Пабло Неруда беа ексхумирани во април 2013 година и беа анализирани и од меѓународни и од локалните експерти. Истражувањата спроведени на примероци од ткивото во лабораториите во Чиле, САД и Шпанија за тоа не пронашле докази, но досега се чекаа резултатите од некои ДНК анализи кои би требаше да бидат завршени во мај 2016 година.

Неруда прво бил погребан во чилеанската престолнина Сантјаго, но телото потоа му било пренесено во друг гроб. Во 1992 година повторно неговите останки беа преместени во гробницата во Исла Негра, крајбрежен град околу 110 километри од Сантјаго. Таму беше погребан во градината од неговата куќа, покрај сопругата Матилда Урутија. На истото место повторно беше погребан ланскиот април, и најверојатно конечно ќе биде оставен да почива во мир.

Пабло Неруда, чие вистинско име е Рикардо Елиезер Нефтали Рејес Басоалто, беше поет, дипломат и важен политички активист во текот на турбулентниот период во Чиле. Вкупно објави 19 збирки поезија, а најпознат е по збирката песни „Дваесет љубовни песни и една на очајот“, објавена во 1924 година.