Паралелки на албански јазик не отвора ДПИ туку Министерството за образование, вели Јаневска

Алијанса за Албанците треба да знае дека паралелки на албански јазик не отвора Државниот просветен инспекторат туку Министерството за образование – ѝ порача на оваа партија Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ преку објава на Фејсбук.

Претходно Алијанса за Албанците реагираше на прес-конференцијата на Синдикатот на Државниот просветен инспекторат, оценувајќи дека на синдикатот му пречела имплементацијата на албанскиот јазик, вработувањето и унапредувањето на Албанците во инспекторатот и образованието, отворањето албански паралелки низ државата, особено во населените места каде што со години не функционираат.

„Никој нема ништо против да се отвораат албанските паралелки според закон и никој нема ништо против да се вработуваат Албанци, ама со соодветно образование и според нормативот за вработување и унапредување. Оттука, политичкиот памфлет на Алијанса за Албанците е само доказ дека актуелниот директор на ДПИ, ниту го заживеал ниту го разработил по закон ДПИ, туку дека партискиот кадар на АА, кој не исполнува услови да биде директор на ДПИ, наместо стручно да работи, всушност спроведува чиста и штетна за соживотот политика. Директорот по трет пат добива незаконски мандат и за тоа АА не реагира. Го прашувам директорот дали е вистина дека после пресот на синдикатот се јавува на вработените и им се заканува? Ако ова е точно многу ме интересира АА да објасни зошто директорот го прави тоа“ – пишува Јаневска.