Парична глоба за новинар поради клевета на таткото на првата дама на САД

Словенечкиот новинар и публицист Бојан Пожар осуден за клевета на таткото на првата дама на САД

Вишиот суд во Љубљана правосилно пресуди дека словенечкиот новинар и публицист Бојан Пожар мора јавно да се извини и да исплати 5.000 евра отштета поради клевета на Виктор Кнавс, таткото на првата дама на САД, Меланија Трамп, објави во понеделникот љубљанската адвокатска канцеларија „Pirc Musar&Lemut Strle“.

Покрај тоа, новинарот Пожар е задолжен да ги плати и судските трошоции во износ од речиси 2.000 евра.

На својот портал, пред повеќе години, Бојан Пожар наведе дека таткото на Меланија Трамп во времето кога во Словенија пред повеќе од 30 години се занимавал со продажба на автомобилски делови, поради затајување на данокот бил во истражен затвор.

Со пресудата, судот наредил дека Пожар мора да му се извини на Кнавс во своите медиуми, и во истиот медиум да го објави текстот од пресудата во која стои дека станува збор за невистинити и навредливи тврдења.

Судската постапка во која Кнавс го тужеше пожар започна во 2017 година, а тужениот новинар се изјасни дека не се чувствува виновен.

Публицистот кој со своите написи често ја возбудува словенечката јавност и открива скандали зад политичките кулиси, објави по неочекуваната победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД во 2016 година и две книги за Меланија Трамп од времето кога живеела во Словенија. Меѓу нив беше и нејзината неавторизирана биографија, но со сите нив имаше проблеми со семејството на Меланија кое денес живее во САД.

Во написот поради кој Кнавс го тужеше за клевета, Пожар се повикуваше на наводни документи од словенечката полиција од времето на поранешна Југославија, објавени во Словенија под називот „Udba.net“, и изјавите на соседи на семејството Кнавс од времето кога тоа живеелво во Севница, а што тие на судот го негираа.

Викторн Кнавс во исказот пред судот во Љубљана рече дека никогаше во споманетиот период не се занимавал со нелегална трговија ниту затајувал данок, а документите на кои се повикуваше новинарот го прогласи за нецелосни и неточни.