Парламентарни избори во Бугарија на 28-ми март

Парламентарните избори во Бугарија ќе се одржат на 28-ми март следната година, изјави во понеделникот бугарскиот претседател Румен Радев за агенцијата БГНЕС.

„Изборите треба да се одржат навреме со испорачани и лиценцирани машини и со сите мерки за да се гарантира правото на глас на секој Бугарин“, додаде Радев.

Од пред неколку месеци во градовите низ Бугарија секојдневно се одржуваа масовни протести со барање за оставка на премиерот Бојко Борисов и главниот обвинител Иван Гешев поради корупција.

Претседателот Радев тогаш во изјава пред парламентот ѝ порача на Владата дека треба да си замине и да се организираат предвремени избори.

Борисов, кој е на власт речиси десет години, одбиваше да поднесе оставка пред истекот на неговиот трет мандат во март следната година.