Паскал: Брисел ја суспендира изградбата на „Јужен Поток“

Високиот американски дипломат и поранешен пратеник за меѓународни енергетски прашања, задолжен за енергетската политика на САД кон светот, амбасадорот Карлос Паскал изјави дека изградбата на рускиот гасовод „Јужен Поток“ кон Балканот е суспендирана од страна на Брисел.

Според Паскал политичката криза во Украина довела до одлука во Брисел целосно да се запре издавањето на дозволите кои се потребни за изградба на гасоводот, кој е предвидено да поминува под Црно Море, потоа низ членката на ЕУ, Бугарија, па низ Србија, Хрватска, која исто така е членка на ЕУ, се до Австрија, од каде гасот ќе се упатуваше кон другите европски потрошувачи.

– „Јужен Поток“ е многу важно прашање. Тој нема да донесе нови количества на гас во Европа, туку само ќе пренасочи гас кој сега минува низ Украина преку друг гасовод. За да можеме да го изградиме овој гасовод, „Газпром“ и нивните партнери мора да добијат огромен број дозволи од Европската Унија. ЕУ најави дека го суспендирала тој процес и нема да дозволи нови чекори во таа насока. Нема банка која ќе одобри средства за изградба на гасоводот доколку нема дозволи од Европската унија, така што проектот сега е запрен и нема перспектива да оди напред, изјави Паскал, кој во Атланскиот совет на САД ја претстави енергетската состојба во Европа по украинската криза.

Како главна бирократска пречка за изградба на гасоводот, според Паскал, ЕУ ќе ја користи монополската позиција на „Газпром“ во Русија и ќе бара реципроцитетно отворање на пазарот пред да може оваа компанија да инвестира во Европа. Паскал, секако, не криеше дека вистинската причина што Брисел ќе стори се што може да го запре овој проект, е кризата во Украина.

Паскал најави дека во отсуство на „Јужен Поток“, единствената реална опција за снабдување на Балканот со гас, е гасоводот ТАП на гигантот БП. Овој гасовод треба да донесе азербејџански гас, кој ќе биде нов производ на европскиот пазар, преку Турција, Грција, Албанија и Јонско Море до Италија. Според Паскал, за надоместување на штетата која Балканот ќе ја претрпи од забраната на „Јужен Поток“, потребно е да се изгради крак од ТАП кон Бугарија и потоа евентуално понатаму на север.

Според Паскал, Европа сработила доста за намалување на зависноста од рускиот гас, по претходната голема криза со прекинот на снабдувањето преку Украина во 2008-2009 година, така што сега зависи од Русија само за 30 проценти од своите потреби, од кои половината поминува низ Украина. Како главни мерки за натамошно намалување на европската зависност, Паскал рече дека ќе биде користењето на други извори на енергенси и увоз на гас од САД или други земји кои се извозници, преку новите терминали кои се во изградба.

Меѓу планираните терминали е големиот проект на хрватскиот остров Крк, потоа во Литванија, Грција и други набрзина подготвени идеи. Но, Паскал предупреди дека постоечките дозволи за извоз на гас од САД, која се соочува со бум во производството благодарение на техниката на фракирање на карпите, сепак ќе значат дека првите нови количества гас ќе се најдат на пазарот дури во 2015 година, а реалните ефекти ќе се почувствуваат по 2017 година.

Покрај снабдувањето на Европа, каде Германија, балтичките републики, Полска, Бугарија и други земји се сериозно зависни од рускиот гас, Паскал опиша драматична трка да се подготви снабдување на Украина со гас на време за да се спречат тешки економски и социјални последици во зимата која доаѓа, во која оваа земја очекува да се соочи со силен руски притисок.

САД и Европската Унија работат на пренасочување на гасоводите кои вообичаено ја снабдуваат Европа преку Украина, во обратно снабдување на Украина со гас увезен од Европа. Клучната линија за снабдување тука е Словачка, при што Вашингтон и Брисел се насочени кон убедување на оваа држава да ги потпише потребните договори за снабдување на Украина со гас.