Персонален данок на доход – Поднесување на годишни извештаи за 2014 година

Најдоцна до 31 јануари 2015 година, задолжително по електронски пат, граѓаните треба да поднесат годишен извештај за 2014 година за остварените приходи.

Како што информираат од УЈП, годишните извештаи ги поднесуваат исплатувачите кои во изминатата 2014 година: извршиле исплата на приходи на физички лица/граѓани по основ на: лични примања, авторски права и права од индустриска сопственост, капитал, имот и имотни права (закупнини), добивките од општи игри на среќа и други приходи за кои аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка, извршиле исплати на граѓани во 2014 година по основ на откуп на земјоделски производи, вршеле откуп на корисен цврст отпад од физички лица кои не се трговци поединци.

Од УЈП напоменуваат дека исплатувачите кои вршат исплата на приходи од добивки од посебни игри на среќа (игри на среќа во казино, обложувалница и автомат клуб) немаат обврска да поднесат Годишен извештај.

Oрганизаторите на зелен пазар на кој се врши трговија на големо и мало, имаат обврска да достават  Годишен извештај во кој треба да пријават кој ги користел продажните места на зелениот пазар во изминатата 2014 година.

Годишните извештаи се поднесуваат најдоцна до 31 јануари 2015 година, задолжително по електронски пат преку http://etax.ujp.gov.mk на еден од следните начини: преку соодветна форма за внес на податоци во е-Даноци или со импортирање на претходно подготвени податоци во соодветен .xml формат, предефиниран и поставен на е-Даноци.

Исплатувачите кои вршеле исплати на приходи на кои аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка, на граѓанинот задолжително треба да му издадат збирна пресметка за исплатените приходи, платениот персонален данок и придонеси во 2014 година најдоцна до 15 јануари 2015 година.

Издавањето на збирна пресметка е законска обврска на исплатувачот на приходот, врз основа на која граѓанинот, како обврзник на персоналниот данок на доход, ќе може точно и навремено да ги пријави приходите во Годишната даночна пријава.