Поддржуваме изградба на Чебрен, но без ХЕЦ Тиквеш, таа да остане во производното портфолио на АД ЕЛЕМ и да не се отуѓува, изјави Мицкоски

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ при денешната посета во Кочани го прокоментира проектот ХЕЦ Чебрен. Според него тоа е новиот „бонбона“ бизнис кој сака власта да го направи, односно преку него да ја отуѓат како мираз хидроцентралата Тиквеш што е изградена, исплатена со текот на времето и сега произведува електрична енергија. Според Мицкоски ова е погрешен потег и погрешна политика од страна на власта.

-Тоа е тендер за изградба на хидроцентралата Чебрен, но како мираз да ја дадат ХЕЦ Тиквеш, односно хидроцентралата Тиквеш што е изградена, исплатена со текот на времето и сега произведува електрична енергија, струја чија цена е меѓу 7 и 12 евра за мегават час. Тоа е цената што ги покрива оперативните трошоци на хидроцентралата минус депрецизација и амортизација. Отприлика 7 до 12 евра, имајќи предвид дека денеска таа струја која што е многу квалитетна, пикова струја произведувате моќност тогаш кога е таа потребна, на берзата хупекс чини повеќе од 200 евра, значи разликата би била точно 200 евра. Јас говорев на едно интервју вчера дека таа разлика е 100 евра за мегаватчас нека биде, нека не биде 200 евра. Тоа се сериозни милиони, народни пари кој што некој сака на некого да му ги подари. И тоа е погрешна политика и е погрешен потег, рече Мицкоски.

Мицкоски исто така посочи дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ сериозно ќе се занимава со евентуален договор кој што би го потпишала оваа влада и сериозно ќе го ревидира и нема намера во најмала рака хидроцентралата Тиквеш да се даде како подарок на потенцијалниот инвеститор на хидроцентралата Чебрен.

-Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ сериозно ќе се занимава со евентуален договор кој што би го потпишала оваа влада и сериозно ќе го ревидира и немаме намера во најмала рака Тиквеш да ја дадеме како подарок на потенцијалниот инвеститор на  Чебрен. Доколку сакаат да ја градат Чебрен, нека ја градат, но без Тиквеш. Тиквеш да си остане во производното портфолио на АД ЕЛЕМ. Тиквеш мора да остане на граѓаните и за граѓаните. Грешка еднаш се направи со првиот „бонбона“ бизнис кога им се даде на приватни компании Калиманци со кој што се наводнува од Каменица до Лозово, практично целиот исток. Потоа се даде Турија струмичка каде што струмичко-радовишко поле се наводнува, се даде Матка во Скопје и така натаму и така натаму. Ова би требало да биде вториот „бонбона“ бизнис, ние како ВМРО-ДПМНЕ и идна влада треба да им биде јасно и на потенцијалните инвеститори дека немаме намера тоа да го почитуваме. Доколку сакаат Чебрен да ја градат, ќе им помогнеме, за се што сакаат сме тука, логистика, пристапни патишта, трафостаници, далноводи и слично, но ХЕЦ Тиквеш мора да остане сопственост на државата затоа што од неа се наводнува целата тиквешија, сите луѓе кои преку лозарството практично ги хранат своите семејства и нема да дозволиме тие да зависат од приватен инвеститор, кога ќе сака и како ќе сака да им пушта вода, додаде Мицкоски.