Поликлиника „Бит Пазар“ со нов кабинет за дијабетес

Во поликлиниката „Бит Пазар“, во рамки на Здравствен дом Скопје, од минатиот месец е отворен нов Кабинет за дијабетес, во кој досега се реализирани вкупно 519 прегледи.

Според податоците од системот МојТермин, изминатата година се прегледани вкупно 15.236 пациенти во Центрите за дијабетес во поликлиниката Букурешт и поликлиниката Јане Сандански, при Здравствен дом Скопје. Со оглед на големиот број реализирани прегледи, ЗД Скопје ја прошири оваа дејност со отворање нов Центар за дијабетес во поликлиниката Бит Пазар.

За потребите на Центарот, во поликлиниката Бит Пазар е адаптиран и уреден соодветен простор, а со цел доусовршување на кадарот, спроведена е доедукација на доктор-специјалист по интерна медицина во Ново Место – Република Словенија и на Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизмот. Центарот работи секој ден од 7:30 до 14:30 часот.

На овој начин, се овозможи растоварување на постојните два центри, имајќи предвид дека кон новиот Центар за дијабетес гравитираат пациенти од општините Чаир, Бутел, Гази Баба, Шуто Оризари. Воедно, покрај инсулинската терапија која досега пациентите можеа да ја подигнат во инсулинската аптека во оваа поликлиника, во Центарот за дијабетес пациентите добиваат комплетна здравствена услуга.