Повеќенаменско игралиште и нов сточен пазар во Кривогаштани

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска ја посети општина Кривогаштани каде имаше средби со граѓаните, но и изврши увид во започнати активности, инвестиции, завршени игралиште и спортска сала.

Трите инвестиции кои во изминатите години беа најавени во општината, веќе се реализираат. Само во следната година се очекува овие три инвестиции да отворат 100 нови редовни работни места и дополнителни сезонски.

Во општината изграден е и нов сточен пазар за кој граѓаните одамна пројавиле интерес и потреба, а почната е и изградбата на зелен пазар. Во тек се и реконструкции и изградба на нови улици во општината, две канализации, а изградено е едно повеќенаменско игралиште, додека при крај е и изградбата на спортската сала во состав на основното училиште „Манчу Матак“.

Повеќенаменското игралиште се простира на површина од 1.300 метри квадратни, осветлено е со рефлектори и е дел од проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта. Инвестицијата е девет милиони денари, а најавена е и изградба на игралиште за стрип баскет во оваа општина.

Спортската сала е во рамки на основното училиште во општината и треба да биде пуштена во употреба за еден месец. Изградена е на површина од 650 метри квадратни. Во ова основно училиште учат 300 ученици.

Градоначалникот на општината Тони Заткоски истакна дека ваквите инвестиции во општината ќе продолжат и во иднина и оти нивната реализација, како што рече, е можна со поддршката од Владата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека она што им било ветено на граѓаните и што може да се направи, ќе се реализира и најави дополнителни инвестиции и поддршка за овој дел од Македонија.

Во рамки на посетата на општината, кај новиот плоштад лидерот на ВМРО-ДПМНЕ имаше средба и со жителите на Кривогаштани кои изразија задоволство од подршката на Владата за реализација на сите проекти. Задоволни се и од работата на градоначалникот и посочуваат дека со негова помош и со помош на Владата се реализираат многу проекти од интерес на граѓаните во оваа општина.