Повисока цена на свинското месо за најмалку 50 отсто, бараат производителите

Одгледувачите на свињи и производителите на свинско месо бараат зголемување на цената на месото. Во моментов производната цена е 100 денари за килограм жива мера. Потпретседателот на Асоцијација на земјоделци и одгледувач на свињи, Гоце Сарафимов вели дека одгледувачите бараат производната цена на свинско месо да изнесува 150 денари.

-Производителите на свинско месо бараат да се покачи цената. Низ месарите и супер маркетите, не знаеме што ќе се случува. Трошоците се многу покачени во однос на лани. Еве да речеме, храната за свињите е поскапена за 100 отсто, а исто така и стујата, а цената на свинското е иста. Лани беше 100 денари и сега е 100 денари. Реално, производната цена треба да биде најмалку 150 денари, вели Сарафимов.

Тој посочи дека од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство  субвенциите од 1.500 денари за продаден товеник, за месеците февруари, март и април, но зголемените трошоци веќе се чувствуваат со намалување на бројот на свињи. Сарафимов истакна дека трендот на намалување е почнат во велешкиот регион, каде што во три фарми е намален бројот на мајки.

Економистите сметаат дека увозната инфлација во државата граѓаните допрва ќе ја почувствуваат. Според штипскиот економист и аналитичар, Глигор Ивановски, покачувањето на цените на основните продукти за живот, влијаат врз џебот на граѓаните, но ова е состојба која не може да се избегне, бидејќи е настаната поради случувањата надвор од државата. Основните производи за живот мора да се купат и покрај тоа што нивната цена е покачена, а идентична е ситуацијата и со нафтените деривати и струјата. Според Ивановски, сѐ што не е присутно во државата, ќе го има, но по многу повисоки цени.