Повлечени најавените измени на Законот за јавни собири

Предлог Законот за јавни собири што денеска беше на дневен ред на владина седница е повлечен поради ракциите на граѓаните. Премиерот Зоран Заев одговорајќи на новинарско прашање на прес-конференција посветена на Буџетот за 2020 година, рече дека ги слушнале реакциите на граѓаните и дека веднаш реагирале.

– Ги слушнавме реакциите на граѓаните и веднаш реагиравме. Ќе ги слушнеме граѓаните, невладиниот сектор, ќе видиме како демократиите го прават тоа. Веднаш на седница на која почна денеска, се носи само буџетот, и донесовме одлука веднаш и го повлековме Законот, изјави премиерот.

Во кусото соопштение од Владата се наведува дека оваа одлука била донесена со цел да се обезбеди поширока консултација и во согласност со верувањето дека има простор за подобрување на содржината на законот со цел да се овозможи слобода на изразување на став на јавни простори низ јасно утврдени регулативи.

Во Предлог законот се предвидуваше минимум 50 граѓани да можат да организираат протест, наместо досегашната бројка од 20 луѓе. Покрај оваа одредба, се менуваа и дел од условите за местата каде е забрането да одржуваат јавни собири.

Покрај досегашните забранети локации како автопатишта, болници и градинки и училишта, МВР во предлог-законот додаде уште неколку одредби во членот 2 – странските амбасади, објекти и простори од интерес за безбедноста на државата, како и седиштата на органите на државната власт и просторот околу нив, одредба која беше најконтроверзна и предизвика најмногу критики во јавнота.

Предлог-законот исто така содржеше и одредба во која лицата кои присуствуваат на јавниот собир не смеат да носат средства на лицата и на главата кои го отежнуваат утврдувањето на нивниот идентитет, а се одредуваше и временски период во кој може да се одржува јавниот собир – од 06 до 23 часот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.