Познати 11 кошаркарски ѕвезди кои ќе настапат за САД на париската Олимпијада

Кошаркарската репрезентација на Соединетите држави е составена од многу од најголемите ѕвезди во НБА лигата, а на Олимписките игри во Париз доаѓа како прв фаворит за златниот медал.

Американските медиуми, од ESPN до Athletic, во вторникот изјавија дека селекторот на американската репрезентација Стив Кер, инаку тренер на Голден Стејт Вориорс го објавил списокот од 11 кошаркари за олимпискиот турнир. Последното дванаесетто место ќе биде пополнето, додаваат истите извори, по завршувањето тренинг кампот во Лас Вегас, во текот на јули.

Тимот на САД ќе го предводи 39-годишниот Леброн Џејмс, член на Лос Анцелес Лејкерс, кој во кариерата освои два златни олимписки медала, во 2008 и 2012 година. Во тимот ќе биде и Кевин Дурант, кошаркар кој трипати го освојувал најпрестижниот медал на Олимписките игри.

Првпат на Олимписките игри ќе настапи Стивен Кари, најдобриот играч на Голден Стејт и еден од најдобрите шутери на сите времиња во НБА лигата. Во тимот се уште Џејсон Тејтум, ѕвездата на Бостон Селтикс, најдобриот тим во регуларниот дел од сезоната во НБА и центарот на Филаделфија 76ерс, Џоел Ембиид, кој долго време ја остави отворена опцијата да игра во дресот на Франција на Игрите, чија пасош исто така поседува.

На Игрите во Париз, САД се во групата со Србија, Јужен Судан и уште една селекција која мора да мине дополнителни квалификации.

Составот на американскиот кошаркарски тим за ОИ: Леброн Џејмс и Ентони Дејвис (ЛА Лејкерс), Стивен Кари (Голден Стејт), Кевин Дурент и Девин Букер (Феникс), Џоел Ембиид (Филаделфија), Ентони Едвардс (Минесота), Џејсон Тејтум и Џру Холидеј (Бостон), Бам Адебајо (Мајами) и Тајрис Халибартон (Индијана).